Ѓоргиев: Има сценарио за нарушување на односите меѓу Бугарија и Македонија

За тоа дали може да се дојде до решение за Гоце Делчев, тој наведува дека за таа тема речиси и да не се дискутира сериозно во поседната година. Смета дека во актуелните услови на заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е Комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев.
„Идејата на заедничко чествување на било која личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи било какво решение на Комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и да тргнат во вистински правец. Така што мора политичката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред се во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев“, вели Ѓоргиев.
Сепак, Ѓоргиев посочува и на она што досега го договориле македонските и бугарските историчари, а тоа е препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за Цар Самоил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем.
Следната средба на заедничката Комисија за историски и образовни прашања е закажана на 16 и 17 февруари во Софија.