Ѓоковиќ по тричасовна битка со Руне го осигура првото место на АТП листата


Торино- Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ синоќа со победа го отвори завршниот АТП-турнир во Торино. Најдобриот светски рекет беше подобар од дебитантот Хелгер Руне, кого го совлада со 2-1 во сетови (7-6, 6-7, 6-3) во меч кој траеше нешто повеќе од три часа. Со оваа победа Србинот го осигура првото место на АТП листата на крајот на годината. Ова е осма година како Новак ја завршува годината и ќе го исполни сонот за 400 недели на врвот на рангирањето.

Првиот сет и двата играчи го почнаа доста претпазливо и мирно, без ризик, а првиот брејк го направи Руне кога ја искористи третата топка, за предност од 2-3. Сепак, во следниот гејм, Ѓоковиќ возврати и веќе беше 3-3, па немаше брејкови се до тај-брејкот, кој го доби Ноле со 7-4.

Во вториот сет Руне отвори подобро, а при 4-5 имаше и сет-топка. Српскиот ас уште еднаш ја покажа својата ментална моќ, се врати од бездната и со генијален тенис израмни на 5-5, па по два сигурни сервиси на тенисерите, следеше нов тај-брејк. За разлика од првиот, дебитантот на завршниот турнир отвори маестрално со 0-6, што на крајот беше доволно за 1-1 во сетови.

Во ревашачкиот трет сет кој стартува по два и пол часа игра во Торино, Новак Ѓоковиќ го направи потегот вреден победа кога го брејкна ривалот за предност од 4-2. Следното коло во „зелената група“ за Ѓоковиќ носи натпревар против Јаник Синер кој отвори победнички, додека Руне во Торино ќе се сретне со Стефанос Циципас.

Денес ќе се играат натпреварите од 1.коло во Б-групата:
Карлос Алкараз – Александер Зверев
Данил Медведев – Андреј Рубљов.