Владата се премисли: „Ѓока“ нема да управува со паркингот на Клинички
Се разгледуваат две опции: ЈП „Градски паркинг“ да изгради две катни гаражи или тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.
Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.
„Првата е ЈП ‘Градски паркинг’ да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар“, рече Таравари.
На новинарско прашање дали ќе се поништи тендерот вели дека најверојатно ќе биде поништен, додавајќи дека се отворени за јавноста за идеи како да се реши проблемот со паркингот на Клинички.
-Тендерот најверојатно ќе го поништам, има разно разни шпекулации, отворени сме за сите политички партии и за јавноста, коишто имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи, не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата што се прави на Клинички центар. На луѓето им треба приближно еден час да се паркираат, рече Таравари.
Министерот повтори дека се размислува за две опции, оти се отвора простор да бидат транспарентни и отворени за сите кои имаат идеја кое би било најдоброто решение кадешто пациентите вооопшто не би плаќале, или би плаќале што поевтино.
-Јас нема да дозволам да се злоупотребува името на Министерството за здравство, ова е тема за која се разговара пет-шест дена, ова е навистина загрижувачки и барам решение кое ќе биде општоприфатливо. Ги повикав ЈП Паркинзи да видам дали може тие да инвестираат во катни гаражи и да продолжат да стопанисуваат со паркинзите на Клинички центар, што е едно од можните решенија. И ако евентуално тие не можат, тогаш да размислиме за друга опција. Во меѓувреме ќе разговараме со сите чинители, политички партии, невладини организации, што имаат идеја како стигнеме до цена под 30 денари за паркинг за час, и да имаме поголем бенефит за општеството и за државата, рече Таравари.
Додаде дека на Клинички се потребни уште минимум 500 до 600 паркинг места, а за да нема никаква гужва неопходно е од 1000 до 1110.
Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добиеше договорот, ќе беше обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да ѝ префрли само 1 отсто од годишните приходи.
Според документот од тендерот за концесијата за паркингот во Клиничкиот центар, Владата како претставник на државата сама побарала оној што ќе стопанисува со него да одвојува максимално еден отсто од остварените годишни приходи. Според документот од тендерот, што го објави СДСМ точката 9 наведува: „Максималниот износ на надоместокот за концесија и/или начинот на кој истиот се пресметува (доколку е предвидено)“. Во дообјаснувањето стои: „Овој износ е пресметан како 1% од остварените годишни приходи од претходната година без пресметан ДДВ“.
Дека оваа компанија требало да го добие тендерот, според СДСМ јасно е и од условите наведени за условите за учество на тендерот, а тоа е дека се бара комапнија која има изградено мостови. „Каква врска има изградбата на мост со поставување монтажни гаражи во Клиничкиот центар? Ова е класичен доказ дека тендерот бил специјално скроен за ‘Ѓока констракшн’, компанијата што го има изградено мостот ‘Ваша’ во Албанија. Со овој сомнителен услов, Владата оневозможила реална конкуренција и обезбедила однапред познат победник“, вели СДСМ.
Кога пред неколку дена беше обзнането дека со паркингот во Клинички следните 20 години ќе стопанисува „Ѓока констракшн“ од Албанија, министерот таравари рече дека „процедурата е помината, меѓутоа повторно треба да помине уште одредени филтри, коишто поминуваат во Влада“.
„По физибилитетот е предвидено да биде за 20 години, меѓутоа во меѓувреме, имаме одлука на Влада дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Јас лично мислам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од 7-8 години. Ние сме го ставиле и тоа како услов, дека додека е Клиничкиот тука, 5 години, 6, 8, 9, 10 години, но лично мислам дека нема да остане овде повеќе од 7-8, еве речете 10 години. Нема да биде повеќе. Затоа интересот на компаниите беше мал, да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа“, рече пред некој ден Таравари.
Ако тоа помине и одредени филтри на Влада, „ако поминат ок, ако не поминат пак ќе го објавиме“ и на прашањето што ќе се случи тогаш, Таравари вели „ништо, тогаш ќе го објавиме пак, само што ќе изгубиме уште една година“.
„Имајќи предвид и какви се цените мислам дека не е лоша. Најдобро е 0 денари да биде, ако најдете таков понудувач, одлично ќе биде. 50 денари мислам дека е пристојна цена, затоа што пред „Нова Македонија“ е 40 денари. Не е цена која е многу висока, таа беше дадена на аукција. Во Скопје има цени кои се 100 денари, 150 денари“, додава Таравари.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, рече дека ако јавноста е против со паркингот на Клинички центар да стопанисува фирмата од Албанија „Ѓока“, тогаш Владата нема да го потпише договорот. Тој обвини дека одредени медиуми шират невистини и конструкции и обвинувале неосновано.
Мицкоски рече дека целта на Владата била да се решат хаосот и метежот на Клинички центар.
„Еве, нека направи ЈП ‘Градски паркинг’ ред, јас немам ништо против. Нека кажат тие експерти како треба да се реши хаосот, оти сега вака е безредие“, додаде Мицкоски.
Паркингот кај клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со години е најпрофитабилното паркиралиште на јавното претпријатие „Градски паркинг“, стопанисува со десет затворени јавни паркиралишта и со две катни гаражи, а управува и со зонското паркирање. Сепак во вкупните приходи на претпријатието, овој паркинг учествува со една петтина или годишно околу 750.000 евра и тоа со цена за еден час паркирање од 30 денари.