Гитаристот Дамјан Пејчиноски со џез и етно воодушеви на „Охридско лето“

Енергичен и впечатлив настап на „Охридско лето“ имаше еден од најдобрите македонски гитаристи Дамјан Пејчиноски, кој синоќа беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков. Програмата со којашто настапија и ѝ приредија на публиката прекрасна вечер содржеше авторски композиции на Пејчиноски, џез теми, како и македонски етно композиции.
Поради најавите за неповолни временски услови, концерот се одржa на сцената на Домот за култура „Григор Прличев“.
-Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ чија долгогодишна историја продефилирале фантастични уметници, фестивал кој носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност, вели Пејчиноски.
Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе музички стилови вклучувајќи џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и слично.
Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија. Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“.
-Изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија.Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак, сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени, вели гитаристот од Охрид, Дамјан Пејчиноски.
Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победува на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“).