Гир: Овие случувања во судството не ги очекуваме во земја кандидат за членство
ЕУ со загриженост ги следи состојбите во правосудството, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, подвлекувајќи дека тие ќе бидат следени многу внимателно, „низ микроскоп“, од почетокот на преговорите до денот на зачленување во ЕУ. Тој појасни дека загриженост предизвикале многу случаи кои се однесуваат на корупција на високо ниво, одредени повторувања на однесувањето, со враќање на повторено судење и пресуди, кои влијаат на застарување на случаите.
„За ЕУ владеењето на правото е фундаментално и ако имате компромитирано судство, тоа ќе влијае во иднина на обидите на консолидирана демократија и градење напредна и развиена економија. Сериозно и одблизу ги следиме случувањата во правосудството. Нема да навлегувам во деталите од Судскиот совет, не сум упатен во нивните дискусии и не би било прикладно да го правам тоа, но би го кажал следново – Судскиот совет е многу важно тело, одговорно е за промовирање и одбрана на независноста, интегритетот и професионалноста на судиите и затоа е важно што работи, какви одлуки носи и како се однесува“, изјави евроамбасадoрот Дејвид Гир во телевизиско гостување.
Додаде дека во ниту еден момент Советот не треба да стане предмет на надворешни политички вмешувања или на финансиски интереси, зашто ако тоа се случи, според Гир, тогаш независноста на судиите ќе биде компромитирана, и конечно тоа ќе влијае на правото. Тој додаде дека претходните години гледале позитивен прогрес во судството, но во последните месеци забележале поголем број случаи, „кои не се конзистентни со она што би го очекувале од земја која води преговори“. ЕУ, додаде евроамбасадорот, низ овој процес на пристапување ќе гледа на овие прашања многу внимателно, низ микроскоп, од денот број еден, до денот на зачленување во ЕУ, и затоа сите овие настани се следени и затоа изразуваме загриженост за сегашниот развој“.