Гир проговори на македонски јазик

Евроамбасадорот Дејвид Гир се обрати денес за првпат во Собранието откако Македонија доби одлука за почеток на преговорите, но доби прекорување од пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, дека е несериозно да им се кажува на граѓаните дека преговорите почнале, туку дека тоа ќе се случи откако ќе ги изгласаме уставните промени, за што според него има повеќе шанси да не се успее – отколку да пројдат во парламентот. Гир сепак беше оптимист и своето обраќање во добар дел го кажа на македонски јазик.
-Ова е мое прво обраќање во парламентот откако ЕУ ги отвори претпристапните преговори на 19 јули. Оттогаш почнаа подготовките за скринингот , а Владата денес ја објави структурата на преговарачкиот тим. Сега е време да гледаме во иднината и заеднички, рече Гир на македонски јазик.
Тој притоа најави дека веќе идната недела ќе почне сеопфатен скрининг и дека за време на преговорите со ЕУ целото законодавство на Унијата ќе биде преведено на македонски јазик. Според него скрининг процесот ќе биде сеопфатен и интензивен и ќе бара мобилизација на целото општество , односно сите чинители ќе треба да работат на европската агенда бидејќи во спротивно процесот ќе се забави.
-Оваа земја е млада, има само 31 година, иако има многу постара историја , рече Гир алудирајќи на некој начин на преговорите со Бугарија за историските прашања. Но, додаде тој, покрај во историјата во исто време треба да се гледа и на иднината.
Гир зборуваше пред Националниот совет за евроинтеграција на кој чешкиот амбасадор Јарослав Лудва ги престави плановите на неговата земја како претседавач со ЕУ овие шест месеци, при што порача дека на нив им остана задачата да го завршат тоа што го издејствува француското претседателство со ЕУ. Иако не било експлицитно споменато, тој рече дека проширувањето на ЕУ и статусот на Украина биле во приоритетите на нинвното претседателствување со Унијата.
– Имаме два сета на приоритети, првите се општи, а вторите се надворешни во кои надлежно е Министерството за надворешни работи. Имаме четири надворешни приоритети, а во два од нив е споменат и Западен Балкан. Започнавме со финализиран француски предлог и на нас е да ја завршиме домашната работа, истакна Лудва.