Гир: Перспективата за членство на Македонија во ЕУ е кредибилна и достижна


Во Северна Македонија има разочарување дека процесот на евроинтеграција предолго трае, но перспективата на земјата да се приклучи кон ЕУ е кредибилен и достижен процес, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на Вториот економски форум во организација на Делфи економскиот форум и Грчката бизнис асоцијација во Скопје во чиј фокус е просперитетот во време на пресврти.

– ЕУ и нејзината заложба во процесот на проширување особено со оваа земја не е милост, туку тоа е заемен интерес и јасно е дека за нашата безбедност, просперитет и демократски интерес е вие да бидете дел од ЕУ. Отворањето на преговорите, отворањето на скрининг процесот почна така што сега фокусот треба да се премести на спроведувањето на реформите коишто се потребни. Ова не е лесен процес. Ова не е голема земја. Веќе имате постигнато многу во процесот на реформи. Имате огромна поддршка од земјите-членки на ЕУ, а и оние што се надвор од ЕУ, така што перспективата на оваа земја да се приклучи на ЕУ е кредибилен процес, постиглив, достижен и реалистичен, порача евроамбасадорот Гир на вториот панел „Следење на Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“.

Осврнувајќи се на влијанието на пораките од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана врз идинината на регионот, Гир рече дека форумот испрати многу силен политички сигнал којшто покажува еден заеднички став на лидерите во ЕУ и партнерите од Западен Балкан дека процесот на пристапување е во заемен интерес, а беше признаена и потребата од забрзување на самиот процес.

Тој потсети и дека на самитот во Тирана кој беше прв организиран во регионот и се одржа во сенка на руската агресија против Украина, во текот на дискусиите бил повторен принципот на проширување, односно дека процесот треба да се потпира на веродостојни реформи и врз основа на заслуги.

-Тоа значи дека земјите коишто ќе се приклучат на ЕУ ќе можат да го уживаат членството, меѓутоа мора да изградат и отпорност за да можат да се борат со едно динамично конкурентно опкружување, односно пазар на потрошувачи, рече евроамбасадорот..

Самитот во Тирана, меѓу другото, додаде тој, ја истакна и важноста од заемната соработка како начин за борба против предизвиците коишто се наоѓаат на патот на пристапувањето, а ја потенцира и поддршката што ЕУ ја дава на Западниот Балкан во однос на економијата, особено кога трае војната во Украина. Тука се осврна на Планот за инвестиции, кој рече, покажува каква поддршка ЕУ дава во процесот, во областа на поврзувањето на патниот, железничкиот и другиот вид сообраќај, потоа, за зелената транзиција, економскиот инвестициски план, а беше спомната и важноста на прилагодувањето на намалувањето на карбонските емисии.

-Во контекст на самитот во Тирана беше спомнат и заедничкиот пазар којшто ќе обезбедува повеќе слобода по принципот на единствениот пазар и којшто ќе овозможи интеграција на регионалниот пазар меѓутоа и на европскиот пазар бидејќи и едниот и другиот се потпираат на истите принципи. Беше планирано учеството на ЕУ во 6,9 проценти на пазарот на Западен Балкан. Мислам дека ова веќе се чувствува, резултатите се чувствуваат, така што сега од оваа година натаму одиме кон изградбата на зелените патеки коишто побрзо водат до процесот на пристапување, рече евроамбасадорот Гир.

Форумот го отвори премиерот Димитар Ковачевски, а најавено е учество на повеќе политичари меѓу кои и премиерите на Косово и Црна Гора, Албин Курти и Дритан Абазовиќ. 

Европската Унија дава огромна помош во консолидирање и проширување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и покрај негативните ефекти од војната во Украина. Граѓаните на Северна Македонија треба да бидат горди на се што имаат постигнато до сега, што се разбира, е резултат на соработката со ЕУ и НАТО, рече  заменик министерот за надворешни работи на Чешка, Мартин Дворчак. Тој потенцираше дека Европската Унија останува посветена на земјите од Западен Балкан и покрај ситуацијата со Украина, и додаде дека целта е да се продолжи процесот на интеграцијата во ЕУ.

-Чешка го презема претседавањето со ЕУ во последните шест месеци на 2022 година и јас сум исто така горд, затоа што верувам дека чешкото претседавање беше движечка сила на многуте промени кои што беа постигнати во последните шест месеци. Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан во Тирана беше првиот настан на високо ниво кое се случуваше во регионот. Тој резултираше со позитивен развој во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, што беше резултат и на претседавањето на Чешка, и на институциите на ЕУ и на земјите на ЕУ, рече Дворчак.

Додаде дека за време на чешкото претседавање, се олесни процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ и се воведе визна либерализација со Косово. Исто така, потенцираше, беше примена и апликацијата на Косово за членство во ЕУ.

Сето ова, како што рече, е силен сигнал дека ЕУ останува посветена и покрај ситуацијата со Украина.

-Новата геополитичка и безбедносна реалност има нова вредност во процесот на проширување на Европската Унија. Претходно, ние се фокусиравме на реформи кои им овозможија на земјите од Западен Балкан да напредуваат во процесот на пристапување и развивме регионална соработка, како начин на зајакнување и интеграција на потенцијалот на регионот и забрзување на процесот на реформи, додаде Дворчак.