Гимназијалци од Берово во Италија ќе ги продлабочуваат знаењата за здрава исхрана
Вкупно 16 ученици од угостителско – туристичката струка од гимназијата Ацо Русковски од Берово денес заминаа на двонеделна обука во Умбрија, Италија. Во периодот од 14-ти до 28 октомври, како што информираа од учичиштето, беровските гимназијалци ќе бидат дел од реализацијата на Еразмус+ проектот „Здрава исхрана за здрава тежина”.
-Заради таа цел, претходно во просториите на училиштето се одржа родителска средба во врска со реализацијата на студиското патување во Сполето, Италија. Целта на состанокот беше родителите и учениците од угостителско – туристичката струка да се запознаат со целите на проектот, програмата која што ќе ја имаат за време на двонеделниот престој во Италија, како и нивните права и обврски за време на обуката, информираа од гимназијата „Ацо Русковски”.
За реализација на оваа активност на гимназијата претходно и беше одобрен грант за користење на средства.
-Грантот беше одобрен од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамките на програмата ЕРАЗМУС+ КА122-VET, краткорочни проекти за мобилност на ученици и вработени во стручно образование и обука, на Општинското средно училиште „Ацо Русковски“ од Берово. Грантот за користење средства е во вкупен износ од 51.992 евра, додадоа од беровското Општинско средно учичиште.
Од гимназијата очекуваат успешна реализација на активностите од проектот и збогатување на знаењата на учениците.