Ги прати по сендвичи


ГОРАН АДАМОВСКИ

Најдоцна до понеделник министерот Оливер Спасовски треба да ја формира работната група за спроведување на процесот на ветинг за вработените во Министерството за внатрешни работи. Во неа ќе учествуваат најмногу тројца претставници од политичките партии во Собранието. Тие ќе имаат улога на набљудувачи на процесот.
Ветингот, или процесот за прочистување, за жал, е конципиран единствено за вработените во МВР. Партијата на Али Ахмети бара ветинг да има и за судиите, поточно да почне од нив. Добро, тоа е малку иронично ако се знае дека интегративците од Мала Речица имаат најмалку причини да се жалат на судството и на обвинителството кога општ впечаток е оти се најмногу заштитени.
Но би било убаво и исклучително корисно доколку ветинг им биде спроведен на сите јавни функционери во државава, па дури и на сите вработени во државната администрација за да видиме кој тоа ја претставува земјата и живее со пари од буџетот собрани од народот. Кој, како и кога се збогатил, па и да се прошири со чешлање на нивните досиеја во поглед на образованието, способноста, успесите, искуството…
На пример, сите би нè интересирало каков кадар работи во затворската полиција, која е под ингеренции на Министерството за правда. Вчерашната приказна за бегството на затвореникот од „Идризово“ не е за верување, па да ја слушате сто пати дневно.
Во службено комбе, се врши превоз на затвореници од Клиничкиот центар кон „Идризово“. Службеното возило, небаре е автобус на ЈСП, застанува во населбата Автокоманда кај сендвичарниците што ги продаваат популарните „шоферски“ плескавици. Двајцата полицајци излегуваат да јадат, а еден од затворениците љубезно ги замолува и нему да му купат еден сендвич. Полицајците, секогаш сервис на граѓаните, навикнати да им помагаат на граѓаните, му излегле во пресрет и на затвореникот. Само што за тоа време тој излегол од комбето. Не го дочекал сендвичот. Инаку, човекот е истакнат осуденик поради шверц со мигранти, насилство, предизвикување општа опасност, а добар другар му е осуден на доживотен затвор поради убиство на полицајци.
Јавноста би сакала да знае и каков е психолошкиот потенцијал и на затворскиот полицаец, кој чувајќи го Бојан Јовановски, алијас Боки 13, доби неверојатна желба пред новинарките екипи да се фати за половиот орган. Ајде, ќе речеш: „полицаец како полицаец“, ама да не знае дека во судовите има видеокамери, а новинарите се придружувани од камермани?
Реакцијата на првите луѓе во затворите, кои веднаш ги суспендираа вицкастите полицајци, е добра бидејќи на тој начин се покажуваат капацитет, волја и подготвеност да се расчисти со оние што не се достојни на позицијата што ја извршуваат. За жал, голем дел од полицајците и не само тие, туку и војниците, разузнавачите, инспекторите во другите агенции имаат проблем со персоналното досие, имотната состојба и критериумите според кои биле вработени.
Се виде тоа и при последната селекција во новоформираната Агенција за безбедност каде што, според информациите, примени биле и оние што претходно не заслужувале да бидат дел од Управата за безбедност и контраразузнавање и тоа таква каква што беше.
Токму затоа, ветингот не смее да се задржи само во Министерството за внатрешни работи. Метлата има работа на сите ќошиња во земјава.