Герт Рабов нов директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава


На чело на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија од почетокот на годинава е Герт Рабов, кој доаѓа на местото на долгогодишниот директор на оваа асоцијација Патрик Мартенс. 

Рабов, засега ќе ја извршува функцијата како вршител на должност. Тој за прв пат се претстави денеска преку традиционалната Утринска телеграма на Делегацијата на германското стопанство, која како форма на комуникација со медиумите која ја воспостави Мартенс. 

Рабов посочува дека кон новата задача пристапува со голема возбуда. Тој има големо искуство во работењето на мрежата на германски стопански комори.

„Помина речиси еден месец откако беше објавено последното издание на Утринската телеграма. Сега е вистински момент да го споделиме со Вас првото издание во новата година и истовремено да Ви дадеме преглед за најновите случувања во Делегацијата“, вели Рабов во своето прво обраќање до македонската јавност.

Патрик Мартенс функцијата директор на Македонско- Германската стопанска комора ја извршуваше до крајот на минатата година

Тој додава дека од почетокот на јануари е в.д директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и со голема возбуда пристапува кон новата задача.

„Јас сум вработен во мрежата на Германските стопански комори повеќе од 20 години, и повеќето од нив ги поминав работејќи во Азија. Се надевам дека со моето долгогодишно искуство и компетентност која ја стекнав работејќи во мрежата на Германските стопански комори која се протега во 92 земји ширум светот можам да дадам нов поттик за понатамошен развој како на Делегацијата, така и на Македонско-Германското стопанско здружение“, вели Рабов.

Тој додава дека во изминатите години, регионот на Западен Балкан игра се поважна улога како економски регион за Европа.

„Германските компании веќе се добро етаблирани во Северна Македонија, односно познати германски компании инвестираа во изминатите години во земјата. Истовремено, Германија е најважниот трговски партнер на Северна Македонија. Следните неколку месеци ќе ги искористам за да запознам колку е можно повеќе компании членки на Македонско-Германското стопанско здружение“, посочува Рабов.