Германските власти идентификуваа двајца осомничени за нападот врз аеродромот во Лајпциг


 Германската криминалистичка полиција идентификуваше ДНК-траги на двајца мажи со руски пасоши, кои се осомничени дека донеле дрон со експлозив на аеродромот во Лајпциг, во обид за напад за кој Берлин вчера ја обвини Русија, објавија германските медиуми „Зидојче цајтунг“, НДР и ВДР.

Според медиумските извештаи, првиот осомничен е белоруски државјанин со руски пасош, кој влегол во Шенген-зоната со италијанска туристичка виза издадена во Минск, а веќе бил познат на органите за спроведување на законот поради кривични дела во балтичките земји. Вториот осомничен, кој дејствувал како логистичар и инструктор, според НДР и ВДР поседува летонски и руски пасош, додека „Зидојче цајтунг“ наведува дека е роден во Русија. Тој пристигнал во Германија кон крајот на јули преку аеродромот во Берлин, изнајмил автомобил со кој заминал кон Лајпциг и ја напуштил земјата два дена пред наводниот напад.

Двајцата мажи биле идентификувани врз основа на ДНК-траги пронајдени во околината на аеродромот — на самиот дрон, на конзерва наполнета со експлозив и на антена прицврстена за дрво. Преку европските бази на податоци и разузнавачки информации биле утврдени нивните движења и престои во Литванија и во Финска.

Германија вчера објави контрамерки против Русија, обвинувајќи ја дека стои зад поставувањето дрон со експлозиви на почетокот на август на аеродромот во Лајпциг — важен центар за воен транспорт за германската армија и НАТО. Дронот бил пронајден во обезбедениот карго-сектор во близина на неколку украински товарни авиони, а неколку минути подоцна втор дрон се судрил со товарен авион на компанијата „ДХЛ“. Подоцна во близина бил откриен уште еден дрон со траги од експлозив.

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека истрагите, оперативните методи и разузнавачките податоци докажуваат руска трага во обидот за напад.

Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли обвинувањата како „нова груба грешка“ на Германија, а руското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало германскиот вршител на должноста амбасадор во Москва.

Од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, европските земји редовно го обвинуваат Кремљ за операции за дестабилизација, шпионажа и саботажа на нивна територија.