Германските шпедитери по паркинзи бараат возачи на камиони, им фалат 60.000


На Германија, во моментов, ѝ недостасуваат меѓу 45.000 и 60.000 камиони, а ако продолжи трендот на опаѓање на бројот на камиони, државата би можела да доживее колапс на логистиката и трговијата, јавуваат германските медиуми.
Германското здружение на шпедитери и логистика веќе сега предупредува дека полиците во супермаркетите наскоро може да бидат празни.
„Се наоѓаме на раб на колапс во снабдувањето и логистиката“, вели портпаролот на здружението Дирк Енгелхард.
Инаку, ниската плата и лошите услови за работа доведоа таа работа да не е популарна. Токму недостатокот од возачи на камиони ќе биде главна тема на Саемот за транспорт и логистика кој во вторник почнува во Минхен.
Портпаролот на саемот Стефан Румел вели дека секоја година во Германија 30.000 возачи на камиони заминуваат во пензија, а само половина од тој број се нови возачи.
Повеќе од третина имаат 55 и повеќе години, а само 2,5 отсто се помлади од 25 години. Со тоа, 40 отсто од возачите на камиони може да отидат во пензија во следните 10-15 години.
За 10 години ќе недостасуваат 150.000 возачи
Така до 2030 година во Германија може да недостасуваат дури 150.000 возачи на камиони, наведува Римел. Уделот на жените возачи во оваа земја е само 1,7 отсто.
„Истовремено се зголемува обемот на транспорт. За тоа придонесе зголемувањето на онлајн трговијата. Празнината во работни места која настанува од ден на ден не може да ја пополнат ниту возачите од источниот дел на Европа“, вели Енгелхард.
Наведува дека шпедитерите очајнички бараат нови луѓе, дури и на паркиралиштата. „Претставник на DHL вели дека возачи не може да најдат никаде, а трендот е сличен и во други земји“, додава тој. „Она не е хорор-сценарио на кое се повикуваме,  ова е колапс во снабдувањето кој навистина нѝ доаѓа со голема брзина“, вели тој.
Недостатокот на возачи го чувствуваат работодавците, но и самите возачи кои не успеваат да ги намалат прекувремените работни часови.