Германскиот министер Вадефул морал да се засолни во бункер при ненајавената посета на Израел


Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, денеска бил принуден накратко да побара засолниште во бункер на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, додека заминувал од ненајавената посета на Израел.

Вадефул, кој е првиот европски министер за надворешни работи што отпатува за Израел откако почна војната со Иран на 28 февруари, се сретна со својот израелски колега Гидеон Сар на разговори во Ерусалим, пренесе ДПА.

Откако се качил во воениот авион за да замине од Тел Авив, се огласиле сирени поради нов ирански напад врз Израел. Министерот и другите функционери што биле со него биле принудени да го напуштат авионот и да се упатат кон бункер.

По престанокот на опасноста, Вадефул рекол: „Овде сè е во ред!“ и покажал со палецот нагоре.

Новинскиот портал „ynet“ јави дека градот Беит Шемеш бил погоден од остатоци од ракети, неколку часа откако Вадефул и Сар го посетија овој град западно од Ерусалим, каде девет лица загинаа, а 50 беа повредени во ирански ракетен напад на 1 март.

Вкупно, во Израел има 13 смртни случаи како резултат на иранските напади откако почна војната со американско-израелската офанзива од големи размери против Иран.

Посетата на Вадефул следуваше по разговорите со неговиот кипарски колега Константинос Комбос во Никозија претходно денеска.