Германскиот амбасадор Гранас ги критикува лидерите во БиХ: Не прават реформи, па европските пари им заминуваат во Црна Гора, Албаија и Македонија


Германскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Алфред Гранас, изјави дека постои сомнеж оти политичарите во БиХ искрено не го сакаат европскиот пат на земјата, оценувајќи дека нивните секојдневни постапки не се во согласност со изјавите. Тој предупреди дека поради неспроведувањето на реформите и пропуштањето на европските средства, локалните политичари директно им штетат на сопствените граѓани.

Во интервју за бањалучките „Независне новине“, Гранас истакна дека наместо во домашните болници, патишта, училишта и пензии, европските пари се пренасочуваат кон Албанија, Црна Гора и Северна Македонија. Тој апелираше до граѓаните да се запрашаат зошто нивните лидери не носат реформски одлуки и нагласи дека гласачите имаат можност да изберат политичари кои вистински ќе ја водат БиХ кон ЕУ.

Говорејќи за изборот на новиот висок претставник во БиХ, германскиот амбасадор откри дека во тек се интензивни напори за усогласување на нов, заеднички европски кандидат. Иако официјално беа предложени италијанскиот кандидат Антонио Занарди Ланди (со поддршка од САД) и францускиот кандидат Рене Троказ (со поддршка од Франција, Германија и Велика Британија), Гранас посочи дека меѓу членките на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИК) нема консензус за ниту еден од нив. Поради тоа, Германија силно се вклучи во процесот за наскоро да биде претставено ново име од земја членка на ЕУ.

Амбасадорот Гранас потврди дека во ПИК постои согласност за понатамошна потреба од институцијата висок претставник, но подвлече дека „бонските овластувања“ треба да се користат само во краен случај за зачувување на стабилноста, додека политичките елити мора да научат да носат одлуки преку дијалог. Тој оцени дека за разлика од САД, чиј интерес се пренасочи кон економијата и инвестициите, Европејците и понатаму го гледаат високиот претставник како клучен стабилизирачки фактор во процесот на евроинтеграциите, сè до целосното финализирање на пристапниот договор на БиХ со ЕУ.