Германски реакции: Вучиќ најавува пресметка со демонстрантите

Вучиќ е опишан во извештајот како „десничарски политичар“, а цитиран е оти рекол дека на неговата влада ѝ се потребни неколку дена за да подготви „правна и формална рамка“ за одговорот на државата. „Ќе биде сосема различно од она што сте го виделе досега“, додаде тој, без да образложува. „Сепак, прогласувањето вонредна состојба не е разгледано“, објавува ZDF.
Насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите се случуваат во Белград и други градови веќе пет ноќи по ред, објавува списанието Штерн, додавајќи дека „Србија со месеци доживува редовни, насилни протести против владата и корупцијата што е широко распространета во земјата“.
Списанието „Шпигел“ на својот интернет портал објавува дека противниците на владата демонстрирале во бројни српски градови и во недела навечер. „Судири со полицијата наводно се случиле и во Нов Белград. Полицијата ги запрела демонстрантите кои се обидувале да маршираат до седиштето на владејачката Српска напредна партија (СНС). Судири беа пријавени и во вториот по големина град во земјата, Нови Сад.“
Германскиот весник наведува дека министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кратко пред полноќ изјавил дека еден жандарм е повреден и дека 18 демонстранти се уапсени. Српските власти не дадоа детали за бројот на повредени демонстранти, пишува „Шпигел“.
Извештајот потсетува дека до минатата среда, протестите биле претежно ненасилни. „Сепак, од самиот почеток, тие собири постојано биле изложени на физички напади од организирани, а понекогаш и маскирани поддржувачи на владата на Вучиќ. Овие напади ретко биле казнувани.“
Германскиот весник наведува дека независните медиуми во Србија ја припишуваат „новата динамика на насилни немири, од кои некои биле започнати од демонстранти, на фрустрацијата на граѓаните поради неактивноста на надлежните органи во лицето на насилството на поддржувачите на власта.“
Шпигел“ го завршува својот извештај со изјава на Мајкл О’Флаерти, комесарот за човекови права на Советот на Европа, кој во петокот изрази загриженост за „несразмерната употреба на полицијата“ во Србија и ги повика властите да „ги прекинат произволните апсења и да ја деескалираат ситуацијата“.
Инаку, неколку десетици граѓани се собраа утрово пред судот во Нови Сад, за поддршка на граѓаните уапсени за време на протестите минатата недела. Сослушувањата на уапсените се закажани од 9 часот. Три полициски комбиња се распоредени околу судот, објавува 021.rs.
На собир повикаа студентите во блокада на факултетите во Нови Сад.
„Бараме укинување на притворот за сите политички затвореници и итна одлука за жалбите во законските рамки“, порачаа студентите во повикот за собирот.
Тие нагласија дека, доколку нивните барања бидат игнорирани, ќе бидат пред судот секој ден.
Испрашувањето на шесте осомничени за нападот врз припадниците на „Кобра“ на протестот пред просториите на СНС во Нови Сад траеше до три часот наутро. По сослушувањето за петмина од нив е одреден притвор и тие се испратени во затворот во Клиса. Едно лице е ставено во домашен притвор поради неговата медицинска историја.