Германски министри повикуваат за колективни мерки на ЕУ во борбата против економските последици од пандемијата


Двајца клучни министри во германската Влада објавија заедничка статија во неколку европски весници во која се повикува на колективно дејствување на Европската унија за борба против новиот коронавирус, јави ДПА.

Иницијативата на министерот за надворешни работи Хајко Мас и Олаф Шолц доаѓа во време на несогласувања меѓу земјите членки на ЕУ за тоа колку финансиски средства треба да се издвојат за да се справи со економскиот шок предизвикан од пандемијата.

Министрите за финансии на Унијата утре повторно ќе го решават тој проблем.

Според двајцата министри, заедничките иницијативи на ЕУ – план за спасување преку Европскиот механизам за стабилизација (ЕСМ) и Европската инвестициска банка – можат да се користат како алатки за ублажување на последиците од пандемијата. Сепак, тие не споменуваат  т.н. еврообврзници, што германската Влада досега ги отфрла.

„Европската солидарност не е еднонасочна улица, туку политика за животно осигурување за нашиот континент“, велат Мас и Шолц во нивниот напис.

„Европа сега се соочува со заедничка задача да ги зајакне постојните програми, да ги пополни празнините и да изгради мрежа за спасување за сите земји на ЕУ на кои им е потребна понатамошна поддршка“, истакнуваат  тие.

ЕСМ веќе им дозволува на „земјите од еврозоната да се позајмуваат заедно под еднакви поволни услови“, наведуваат двајцата германски министри.

„За Италија, тоа би значело нова инекција од 39 милијарди евра и за Шпанија – 28 милијарди евра“.

Двајцата ја поддржуваат идејата за „општоевропски гарантен фонд“ за обезбедување ликвидност на малите и средни бизниси, како и финансиска поддршка за земјите членки на ЕУ преку иницијативата SURE (Ублажување на ризикот од невработеност) предложена од Европската комисија минатата недела.