Германски ДХЛ ги зголемува цените за испорака на пакети до 3,5 евра

И по поскапувањето, услугата сепак ќе биде поевтина од просекот во Европа, истакнуваат во ДХЛ


Германскиот логистички гигант ДХЛ во понеделникот објави дека ќе ги зголеми цените за испорака на пакети во јули поради повисоките трошоци за работна сила и транспорт.

Дел од групацијата Deutsche Post, ДХЛ планира на 1 јули да ја зголеми цената на испораката на пакети во странство за едно до 3,5 евра, со исклучок на испораките во САД, кои ќе бидат речиси двојно поскапи во зависност од тежината на пакетот, пренесе Хина.

„Компанијата само делумно им ги пренесува на клиентите значително повисоките цени на авионите и значително повисоките трошоци што странските партнери за испорака ги наплаќаат на Deutsche Post DHL за испорака на артикли“, се вели во соопштението.

И по поскапувањето, услугата сепак ќе биде поевтина од просекот во Европа, според споредбата објавена во ноември 2021 година од германскиот регулатор БНА, истакнуваат во ДХЛ.