Германската индустрија стравува од затворање на нуклеарните централи


Планираното затворање на нуклеарните централи во Германија може да доведе до криза во снабдувањето со енергија и зголемување на цените, предупреди Петер Адријан, шеф на Здружението на германските индустриски и трговски комори.

Тој за денешното издание на весникот „Реинише пост“ рече дека иако цените на природниот гас паднаа во последните месеци, проблемите за Германија сè уште не се завршени.

„И покрај пониските цени на гасот, трошоците за енергија сè уште се високи за повеќето компании во Германија. Мораме да продолжиме да правиме се што можеме за да го прошириме снабдувањето со енергија, а не дополнително да го ограничуваме. Само на тој начин ќе ги избегнеме или барем ќе ги ублажиме тесните грла во снабдувањето и новото големо зголемување на цените на енергијата во наредните месеци, тврди првиот човек на здружението.

Тој предложи трите преостанати нуклеарни централи да продолжат „да работат до крајот на кризата“ и да не го згаснат производството во средината на април, како што е планирано.

Сите германски нуклеарни централи требаше да бидат затворени до крајот на 2022 година, според планот усвоен за мандатот на поранешната канцеларка Ангела Меркел по нуклеарната катастрофа во јапонска Фукушима во 2011 година.

Поради последиците од војната во Украина и намаленото снабдување со руски гас, Владата ја продолжи работата на преостанатите три нуклеарни централи до 15 април со цел да се обезбеди снабдување со електрична енергија, нормално работење на компаниите и доволно затоплување на домаќинствата во текот на постудените месеци.