Германската амбасадорка промовираше инклузивно катче во центарот за аутизам „Блу пазл“ во Гостивар


Германската амбасадорка во нашата земја Петра Дрекслер при работната посета на Гостивар го промовираше инклузивното катче за рекреација во центарот за аутизам „Blue Puzzle“.

Набавката и монтирањето на опремата и реквизитите во дворот на центарот беше овозможено преку донацијата на германската амбасада. Амбасадорката Дрекслер искажа задоволство од соработката и го пофали ангажмaнот на раководството на центарот и локалната самоуправа по посетата.

– Станува збор за инвестиција што ја направивме за доброто на оваа институција и денес заеднички ја инаугурираме. Импресионирана сум што има ваков центар во Гостивар, бидејќи неговото работење многу значајно за заедницата, изјави амбасадорката Дрекслер.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари во оваа прилика истакна дека центарот „Блу пазл“ е модел за проект кој е поддржан од повеќе субјекти и како што напомена ги прави гостиварци горди.

Дефектологот Самир Грбле подвлече дека центарот ги нуди сите услуги кои им се потребни на децата со аутистичен спектар. Тој рече дека наредната пролет се планира уредување на базен за хидротерапија.

– Иако поседуваме најсовремена опрема за терапија за децата со аутистичен спектар со оваа донација додадовме уште еден важен сегмент, неопходен за рекреација и престој на децата. Во завршна фаза е и одделот за хидротерапија како дополнителен сегмент кој се покажал како корисен за децата при нивниот третман, рече Грбле.

Во опремувањето на инклузивното забавно катче за деца се инвестирани околу 8.500 евра. Во Центарот за аутизам кој функционира година ипол, услуги добиваат 40 деца.

Амбасадорката Дрекслер посетата на Гостивар ја искористи и за разговор со градоначалникот Таравари кој е лидер на политичката партија Алијанса за Албанците околу актуелните состојби во земјава.