Германија ја потопи Македонија со 4:0, можеше и повеќе


Фудбалерите на Македонија вечерва во дождливото Скопје немаа никакви шанси за успех против Германија и повеќе од заслужено беше декласирана од со 4:0. Да не беше одличниот голман Столе Димитриевски (кој не можеше ништо да направи при ниту еден гол) со неколкуте извонредни одбрани, овој пораз можеше да биде уште потежок.

Не може да им се забележи на македонските фудбалери дека не се бореа, дека не беа пожртвувани, но уште од самиот почеток се виде дека играта им беше поставена така евентуално, ако може, да се извлече. Тоа се гледа и по доминацијата во поседот на топката, таа беше во нозете на Германците во над 70 отсто од времето. Нашите фудбалери едвај да можеа да направат повеќе од две-три додавања. 

Голем хендикеп беше повредата на Адеми во средината на првото полувреме, по што играта на репрезентацијата како да се распадна. Тоа многу добро се виде во последните десетина минути од првото полувреме кога нашите репрезентативци драматично се бореа да не примат гол пред да заминат во соблекувалните. И дека второпт полувреме може да донесе поголема надеж за добар резултат.

Но тоа беше лажна надеж, затоа што во вториот дел постоеше само германската репрезентација. Nејзините фудбалери знаеја како да ја контролираат топката откако почна посилно да врне, а барем два гола паднаа по груби грешки на нашите фудбалери. Стрелци на головите беа: два Вернер, и по еден Хаверц и Мусиjала.

Сѐ на сѐ лошо вечер за македонската репрезентација. Таа излезе на теренот со еден вид калкулантска храброст ако може да се освои еден бод. Си замина и без игра и без бодови.

Квалификациите за второтo место не се завршени, но се изгубени многу драгоцени бодови. Од можни 15 Македонија освои само шест, а од нив едвај два на три меча дома.