Германија и вакцините: Илјадници дози се фрлаат


Трагичен спектакл се одвива пред нашите очи. Луѓето во Германија прво мораа да чекаат со месеци додека да дојде нивниот ред да се вакцинираат против Ковид-19. А сега лекарите во центрите за имунизација седат и чекаат да се појави кандидат за инјектирање додека илјадници дози од вакцината одат на депонија.

Неколку германски провинции сакаат да ги вратат вишокот дози на Министерството за здравство, а илјадници веќе се уништени бидејќи им истече рокот. А кога ќе се уништи вакцина, милиони евра пари од даночните обврзници всушност се фрлаат во оган. Тоа е доволно лошо. Но, уште полошо е упорниот скептицизам за вакцините и незабележливото оддалечување од поставената цел за постигнување групен имунитет, која си ја поставивме за на почетокот на вакцинацијата.

Како стигнавме дотука?

Многумина учествуваат во овој трагичен спектакл – не само оние кои не сакаат да се вакцинираат. Противниците на вакцините се повикуваат на нивните права и слободи, но на овој начин создаваат ситуација во која може да се ограничат слободите на општеството во целина.

Ваквото сфаќање на една слобода, што се практикува на сметка на општеството, нема никаква врска со идеалот на образованиот граѓанин – идеал за кој со право се залагаат голем број либерално настроени луѓе. Таквото гледиште води до фактот дека со следното „заклучување“, целото општество ќе биде затворено.

Контрадикторните препораки поврзани со вакцината Астра Зенека, исто така, станаа дел од трагичниот спектакл. Европската агенција за лекови (ЕМА) ја препорача оваа вакцина без никакви ограничувања за сите возрасни групи, додека во Германија Постојаниот комитет за вакцини ја препорача само за лица над 60 -годишна возраст. А Данска дури и целосно ги прекина вакцинациите со Астра Зенека.

Луѓето кои креираат политики и донесуваат одлуки во Германија веќе некое време ги интересира само изборната кампања. А уништувањето на вакцините не им одговара како тема. Воопшто не треба да се споменува задолжителна вакцинација.

Или може и поинаку. Ова го покажуваат одлуките на неколку европски земји да воведат задолжителна вакцинација за одредени групи луѓе. На пример, во Италија, веќе на 25 мај, од целиот медицински персонал се побара да се вакцинираат против коронавирусот. Тие разговараат за слична мерка во однос на наставниците. Во Франција, сите оние кои работат во областа на здравјето и грижата за старите лица, треба да ја примат барем првата доза до 15 септември. И во Британија, владата најави задолжителна вакцинација за вработените во домовите за стари лица.

Разберете, мора да се вакцинираме

Лично, пандемијата ми одржа важна лекција: идеолошките дебати и политичката двосмисленост ниту спасуваат животи ниту го уништуваат вирусот. Вакцините ја вршат оваа работа. Благодарение на спектакуларната работа на научниците и меѓународната соработка, денес имаме можност да ја ставиме под контрола пандемијата.

Наспроти ова, уништувањето на вакцините изгледа монструозно. Страдањето на пациентите со Ковид-19, смртта на милиони луѓе и тагата на нивните најблиски едноставно нè обврзуваат да не се откажуваме и да продолжиме со вакцинирање, и покрај болните пречки. Мораме да продолжиме да се бориме за спас на човечките животи и да продолжиме да имаме заморни и депресивни дискусии. Ние сме должни да донесуваме одлуки наместо да бегаме од нив. Да се ​​стави крај на овој трагичен спектакл. (Дојче Веле)