Германија го суспендира доброволното прифаќање на азиланти од Италија


 Германија денеска информира дека го суспендира доброволното прифаќање на барателите на азил од Италија според европските договори поради „силниот миграциски притисок“ и одбивањето на Рим да ги спроведе тие договори.

– Германската Влада го информираше Рим за својата одлука на крајот на август, изјави портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи.

Суспендирањето на приемот до понатамошно известување се однесува на доброволниот европски механизам за солидарност, кој го регулира трансферот на барателите на азил од земјата на пристигнување во Европската Унија во други земји-членки.

Берлин ја оправдува оваа одлука со сегашниот силен миграциски притисок кон Германија, како и со трајното суспендирање на трансферите на Даблинската регулатива од некои земји-членки, вклучително и Италија, што ги засилува главните предизвици со кои се соочува Германија во однос на капацитетот за прием и сместување.

Даблинската регулатива, која предизвикува многу контроверзии меѓу земјите-членки, предвидува дека земјата на пристигнување на мигрантот во ЕУ го обработува неговото барање за азил.