Германија го славеше обединувањето во Скопје
По повод денот на германското обединување германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, приреди прием во резиденцијата на кој беа поканети многу гости од политичкиот, дипломатски и деловен естаблишмент во државата.
На почетокот на обраќањето, амбасадорката потсети дека ова е прво славење на обединувањето по две години пауза заради пандемијата, нагласувајќи дека сега се соочуваме со нова криза поради што мислите на сите во Европа се свртени кон граѓаните на Украина кои, како што рече, ја бранат нашата слобода.
Таа потсети дека обединувањето беше можно бидејќи пријателите и праттнерите на Германија веруваа во нејзиниот мирен и демократски развој, по што се осврна и на идните очекувања за Македонија.
– Северна Македонија, по долгиот фрустрирачки процес конечно влезе во нова фаза – преговори за членство со ЕУ. Колку долго ќе траат тие ќе зависи од темпото на реформите, рече германската амбасадорка нагласувајќи дека на тој пат можеме да сметаме на германската поддршка, што ја вети лично и германскиот канцелар Олаф Шолц во Скопје.