Германија бара докази дека „Северен ток 2“ ги исполнува нивните барања


Германскиот енергетски регулатор денеска објави дека очекува швајцарската компанија „Северен ток 2“ да даде гаранции дека истоимениот гасовод ги исполнува барањата на тоа тело за сертификација, со тоа што ќе обезбеди ажурирани информации, пренесува Хина.
„Ние сме во комуникација со компанијата ‘Северен ток 2’ и очекуваме дека ќе бидат доставени потребните докази. Во Bundesnecagentura, внимателно ја проверуваме усогласеноста со регулаторните барања“, се вели во соопштението на регулаторот, пренесува Ројтерс.

Германската агенција за енергетика исто така изјави дека го разгледува барањето на украинската гасна компанија Нафтогас и гасната компанија ГТСОУ за учество во процесот на сертификација на „Северен ток 2“.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин најави дека втората цевка од гасоводот ќе се наполни со гас до средината или крајот на декември и рече дека Русија е подготвена да почне да ја снабдува Европа со гас од „Северен ток 2“ веднаш штом ќе добие соодветна дозвола од германскиот регулатор.

„Првата цевка на ‘Северен ток 2’ е веќе наполнета со гас. Ако утре германскиот регулатор даде дозвола за снабдување, испораките ќе започнат веднаш следниот ден, 17,5 милијарди кубни метри“, рече Путин во обраќањето во дебатниот клуб „Валдај“, пренесува Раша Тудеј.

Тој потсети дека преку овој гасовод годишно ќе се испорачуваат вкупно 55 милијарди кубни метри природен гас.

„Со оглед дека недостатокот на гас на европскиот пазар, според нашите пресметки, ќе изнесува 70 милијарди кубни метри, 55 милијарди кубни метри е добар волумен“, рече тој.

Рускиот претседател спомна и дека американските и блискоисточните компании ги намалија испораките на гас во Европа во 2021 година, додека руски Газпром ги зголеми испораките во земјите надвор од Заедницата на независни држави за 8,7 отсто, односно 11 милијарди кубни метри.