Германија, Австрија и Шведска ги стопираа постапките за азил за Сиријците


Три европски земји – Германија, Шведска и Австрија – донесоа одлука да го паузираат разгледувањето на барањата за азил на Сиријците, поради развојот на настаните во земјата по соборувањето на Башар ал-Асад.

Шведската агенција за миграции објави дека ги паузира и одлуките за азил и депортациите. – Со оглед на ситуацијата, невозможно е да се оценат основите за заштита во моментов, изјави Карл Бекселиус, раководител на правните прашања во агенцијата.

Германија, исто така, ја суспендираше обработката на барањата за азил на Сиријците поради „нејасната ситуација“ во земјата.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, изјави дека „крајот на бруталната тиранија на сирискиот диктатор Асад е големо олеснување за многу луѓе“. Но, таа додаде дека „ситуацијата во Сирија моментално е многу нејасна“.

Австрија најави дека ќе ги запре сите апликации за азил од сириски државјани и ќе започне програма за депортација на бегалци назад во Сирија.

Претседателот на холандската десничарска партија ПВВ, Герт Вилдерс, исто така го коментираше падот на власта на Асад во Сирија и упати директна порака до холандскиот премиер Дик Шуф ​​во врска со сириските бегалци во Холандија. Имено, осврнувајќи се на прославата на Сиријците ширум Европа по повод падот на Асад, Вилдерс рече дека оваа прослава покажува дека се исполнети условите за враќање на Сиријците во нивните домови.

„Доколку Сиријците во Холандија слават поради новонастанатата ситуација во Сирија, тогаш можат да се вратат назад. Премиере Шуф, веднаш суспендирајте го издавањето азил за Сиријците“, рече Вилдерс.

Откако вчера беа објавени информации за влез на бунтовниците во Дамаск и заминување на Асад, Сиријците ширум Европа и светот организираа масовни прослави поради промената на власта во Сирија. Прославата е снимена на улиците на Лондон, Мадрид, Париз, Берлин, Амстердам и други европски градови.