Германците најмногу го сакаат Писториус за иден канцелар
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во последната анкета го надмина не само актуелниот премиер Олаф Шолц, туку и лидерот на опозицијата Фридрих Мерц во однос на поддршката за функцијата канцелар. Анкетата ја спроведе Институтот за истражување на јавното мислење „Форса“, пишува „Билд“.
Како што се наведува, 39 отсто од испитаниците би сакале Писториус да биде канцелар, а лидерот на опозициската Христијанско-демократска унија Мерц го поддржале 25 отсто од нив, пренесува „Билд“.
Меѓу поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ, Писториус ужива поддршка од 22 отсто од анкетираните.
Меѓу приврзаниците на Социјалдемократската партија на Германија, 58 отсто од испитаниците би сакале да го видат актуелниот министер за одбрана како кандидат за канцелар, додека 30 отсто го поддржуваат Шолц.
Само 13 отсто од сите гласачи со право на глас сметаат дека Шолц треба да биде кандидат на неговата партија за канцелар на претстојните избори.