ГЕРБ ќе предложи влада без Бојко Борисов


Владејачката бугарска партија ГЕРБ ќе предложи влада и покрај малите шанси таа да биде поддржана, објави во понеделникот вицепремиерот Томислав Дончев на брифинг во седиштето на партијата, јавија бугарските медиуми. Тој одби да каже кој ќе биде номиниран за премиер, откако претходно ГЕРБ рече дека тоа нема да биде актуелниот Бојко Борисов.

„Ќе има промени. Ќе има и промени и континуитет во предлогот на владата“, беше единственото што Томислав Дончев го одговори на новинарските прашања. Од неговите зборови беше јасно дека владејачката партија ќе предложи и претседател на парламентот, но повторно не го кажа неговото име.

Во деновите по изборите другите партии што влегоа во парламентот веќе изјавија дека нема да ја поддржат владата на ГЕРБ. Покрај Има таков народ на Слави Трифонов, Демократска Бугарија, „Исправи се! Мутри надвор“ и БСП соопштија дека нема да поддржат влада на ГЕРБ, а тоа изненадувачки го направи и премолчениот сојузник на Борисов, партијата на Турците,ДПС.

Томислав Дончев ги повтори предупредувањата на Борисов дека обидите за заобиколување на првата политичка сила не завршиле добро. „Обично, обидите да се заобиколи првиот и да се состави структура од сите други завршуваат лошо“, рече тој.

На зборовите на Дончев се надворза и поранешниот шеф на дипломатијата Даниел Митов. „Обидот ГЕРБ да биде заобиколен при составувањето на владата владата може да доведе до криза. Повеќе од една четвртина од гласачите беа за ГЕРБ“, рече Митов.

Новиот парламент се очекува да биде свикан в четврток (15 април). Потоа треба да се избере неговото раководство, а претседателот треба да биде од партијата на Слави Трифонов.