Герасимовски: Не потрошив ниту денар за непродуктивни трошоци


Кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, вчеравечер беше со жителите од населбата Крњево кадешто разговараше за идните проекти што треба да се реализираат по победата на локалните избори, стои во соопштението на кандидатот за градоначалник од СДСМ Горан Герасимовски, што МИА го пренесува интегрално.

Герасимовски, потенцираше дека е намален огромниот долг на општината којшто тој го наследил кога стапил на должноста и и најави дека веќе следната година, општината нема да има никаков долг.

„Не потрошив ниту еден денар од граѓаните на Центар, потенцирам, ниту еден денар, за патувања и оние непопуларни кафеани. Мислам дека сум единствен градоначалник во државата, кој не потроши ниту еден денар за непродуктивни намени, и сите пари, повеќе од 2 милиони денари ги пренаменивме за потребите на социјално ранливите граѓани“, рече Герасимовски.

Тој, потенцираше дека во изминатите четири години, сите одлуки коишто ги носел ги правел единствено во интерес на центарци.

„Не делев, јас обединував. Не бегав од проблемите, јас ги решавав. Не се криев од луѓето, јас одев кај луѓето. Не седев во фотељата, туку бев на улиците и во домовите, таму каде што е најважно и најпотребно. Бев достапен и отворен за сите. Едноставно, јас и мојот тим немавме и немаме дилеми, ние сме тука и мораме да работиме само за Центар“, изјави Герасимовски.

Герасимовски, информираше дека за четири години инвестирани се над 13 милиони евра во Центар.

„Парите на граѓаните ги дадовме за граѓаните. За најдобрата градинка во Македонија, за најдобрите училишта во Скопје, за реконструкција на улици, за ранци, прибор и стипендии на учениците, за опрема за хигиена и за најдобрите хигиеничари во Градот, за македонските и центарските легенди и култура, за спортот“, посочи Герасимовски.