Герасимовски најавува бесплатен оброк за сите ученици

„Од наредната година, септември 2026, обезбедуваме бесплатен оброк за сите ученици во целодневна настава, со што, родителите се ослободуваат од финансиски трошоци за храната на своите деца во училиштата. Покрај тоа, на сите ученици од петто до деветто одделение им следува бесплатна неколкудневна екскурзија низ Македонија“. Ова денеска го најави кандидатот за градоначалник на Центар и воедно актуелен татко на општината Горан Герасимовски пред основното општинско училиште „Коле Неделковски“.
Тој, најави и дека од следната година, се започнува со бесплатни дополнителни часови за сите ученици, заедно со пензионираните наставници и професори во општината.
„Ова е еден одличен проект којшто стартува од следната година. Децата покрај тоа што ќе учат за природните убавини на Македонија, тие исто така и ќе другаруваат меѓусебе. Би сакал да истакнам дека вложувањето во развојот на учениците е нашиот фокус, и токму затоа, за 50% се зголемуваат и стипендиите за талентирани ученици. Центар е општината која најмногу вложува во образованието. Сите 8 училишта се целосно реновирани, со најдобри услови за настава и педагошки процес. Ние сме тука за да ги мотивираме и да им овозможиме подобра настава и посреќно детство“, потенцираше Герасимовски.
Герасимовски, додаде и дека од годинава, за првпат сите ученици од основните општински училишта на територија на Центар добија бесплатни училишни униформи за поголема еднаквост, дисциплина и чувство на припадност. Како што самиот нагласи, оваа мерка продолжува и следната година, вклучително и мерката за бесплатни ранци и училишен прибор на сите првачиња.