Герасимовски најави три капитални проекти: Нова општинска зграда, дом за стари лица и градинка

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, во вечерашното соочување во „Топ Тема“ со останатите кандидати за градоналници на Центар информираше дека програмата за работа за вториот мандат е донесена заеднички со граѓаните, а како главни капитални проекти ги издвои изградбата на административната зграда, новата градинка и домот за стари лица.
„Програмата за работа ја носевме со сите жители од општината, од сите оние маалски средби, буџетски форуми, анкети коишто ги спроведувавме четири години наназад. Едно од најкапиталните проекти во интерес на граѓаните е изградбата на административната зграда, која планираме да ја правиме во Дебар маало на местото на постоечките бараки. Следен проект е изградбата на новата градинка близу Клиничкиот центар во интерес на нашите најмлади жители, да ги зголемиме капацитетите, иако сите досегашни градинки се целосно реконструирани и имаме најдобри услови. И дополнително, како трет капитален проект е домот за стари лица за нашите највозрасни жители, нешто што е побарано од нашите баби и дедовци кои живеат во општината. Ние водиме грижа за нив, најдена е локација и се подготвува за изградба“, рече Герасимовски.
Тој информираше дека во делот на хигиената и чистење на сметот од улиците иницирал да се преземат обврските од Град Скопје и секоја општина да оформи свое Комунално претпријатие за да нема смет.
„Проблемот со отпадот е најголем во градот Скопје, се бориме заедно со останатите градоначалници.Иницирав ние да ги превземеме обврските од Град Скопје и да го превземеме Комуналното претпријатие, секоја општина да си оформи свое Комунално претпријатие кое што ќе го подигне нивото во своите општини, ќе нема смет низ општините. Ние имаме дополнителна опрема, а во новиот мандат планирани се и две нови цистерни и пет метларки. Имаме 120 хигиеничари, кои деноноќно работат за да ја подигнат хигиената на највисоко ниво. Во моментов се поставени, но и континуирано поставуваме нови контејнери за кабаст отпад низ општината. Но, тука ги повикувам и граѓаните да ја подигнеме свеста на повисоко ниво и да го почитуваме тоа на начин како го фрламе, односно го депонираме сметот во контејнерите“, рече Герасимовски.