Герасимовски контра ВМРО: За изработка на мобилната апликација Општина Центар не потроши ниту еден денар


Очигледно, во недостаток на конкретни идеи, предлози и проекти за граѓаните на Центар, ВМРО-ДПМНЕ одлучи и денеска да продолжи со истата манипулација што ја пласираше вчера, реагираше со соопштение градоначалникот Горан Герасимовски. Иако фактите им беа јасно и прецизно соопштени, повторно ја повторуваат лагата дека Општина Центар платила 6,6 милиони денари за изработка на мобилната апликација. Уште еднаш, за да нема простор за намерно извртување на фактите: за изработка на мобилната апликација не е потрошен ниту еден денар од Буџетот на Општина Центар.

Апликацијата е изработена волонтерски од вработен во Општината. Единствениот трошок од околу 200 евра се надоместоците потребни за нејзино објавување на платформите Apple App Store и Google Play. Да се претставува овој технички трошок како „контрадикторност“ со фактот дека самата апликација е изработена бесплатно е или елементарно непознавање на темата или свесен обид за манипулација со јавноста.

Уште поневистинито е тврдењето дека на „вработениот“ кој ја изработил апликацијата му биле исплатени 6,6 милиони денари. Таква исплата за изработка на мобилната апликација нема.

Наместо втор ден по ред да повторуваат иста бројка и да се обидуваат од неа да конструираат афера од 20 милиони денари, ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ јавно и прецизно да покажат каде во документацијата на која се повикуваат пишува дека 6,6 милиони денари се исплатени за изработка на мобилната апликација.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека повторувањето на една невистина не може да ја претвори во факт.

„Вчера јасно одговоривме, но очигледно некој не сака да ги слушне фактите. Затоа ќе повторам: Општина Центар не платила ниту еден денар за изработка на мобилната апликација. Ја изработи наш вработен, волонтерски. Наместо два дена да измислуваат милионски суми и да ја манипулираат јавноста, ги повикувам да предложат нешто конкретно што ќе го подобри животот на центарци. Ние ќе продолжиме да работиме, а на секоја лага ќе одговараме со факти“, изјави Герасимовски.

Мобилната апликација е дополнителна алатка за полесен пристап на граѓаните до информациите и услугите на Општина Центар. Податоците се преземаат од официјалната веб-страница на Општината и преку апликацијата стануваат полесно достапни на мобилен телефон.

Затоа, наместо ВМРО-ДПМНЕ да троши втор ден на прес-конференции и соопштенија со исти невистини, подобро е да ги координира своите советници во Советот на Општина Центар и да придонесе за реализација на проектите што се во интерес на граѓаните.

Интересот на центарци секогаш бил и мора да остане на прво место, пред секој личен и партиски интерес. Лагите и манипулациите нема да изградат ниту парк, ниту училиште, ниту ќе решат кој било проблем на граѓаните. Работата и резултатите – да.