Герасимовски и Центар го чистат ѓубрето кое е одговорност на Град Скопје

Градоначалникот Горан Герасимовски утрово се вклучи во лајв видео заедно со хигиеничарите на општината кадешто на терен повторно затекна контејнери со купишта смет и упати остар апел до јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да си ја сработи својата работа.
„Како изминативе години, така и денеска, и ова понеделничко утро, центарци се будат во ѓубре. Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години,“ изјави Герасимовски.
Тој, потенцираше дека во утринска акција, екипите на ПОЦ го исчистиле просторот околу контејнерите, иако тоа е обврска на друго јавно претпријатие.
Герасимовски истакна дека 120 хигиеничари од општината цело време се на терен и ја завршуваат работата која е обврска на градското јавно комунално претпријатие.
„Продолжуваме да работиме во интерес на нашите центарци и тогаш кога задачите се надвор од ингеренциите на општината. Во наредниот период се купуваат нови две цистерни за миење улици, нови метларки и камион кој е неопходен, бидејќи очигледно Комунална хигиена не си ја врши работата,“ порача градоначалникот.
Тој изрази уверување дека, по бројните апели, претпријатието конечно ќе ја преземе својата законска одговорност и граѓаните на Центар нема да бидат принудени да се будат во нечистотија.