Герасимовски бара да се воведе комунална полиција, законот стои во фиока


Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во гостувањето во Топ Тема ја истакна потребата од воведување комунална полиција која ќе се грижи за комуналниот ред, чистотата и зачувувањето на животната средина.

Со воведување на комуналните полицајци ќе се решат многу проблеми со кои се соочуваме како општини, вклучувајќи го и Градот, смета Герасимовски.

„Од претходниот скопски градоначалник имаме подготвено и предлог закон за комунална полиција на Град Скопје, односно работна верзија, која беше доставена до одредени министерства што треба да се вклучат во делот на самиот закон и да помогнат во оформување на ваквото тело, без коешто не може да функционира еден град“, рече Герасимовски

Тој ја повика Владата да се охрабри и да го донесе овој закон, по примерот на повеќето градови во соседството, како што се Белград, Тирана, Подгорица итн.

„Еве примерот со Белград, каде проектот стартуваше во 2010, а во 2016 комуналната полиција станува и Секретаријат за комунална полиција, со следниве обврски: да дава предупредување и наредба, да бара идентификација и да лишува од слобода, привремено да отстранува возила од сообраќај, да се грижи за јавни простори и да спречува питачење, одржување на хигиената, да контролира градилишта и спречува дивоградби, дури и бучавата е под нивна капа”, истакна Герасимовски.

Тој апелираше до политичките партии се однесуваат одговорно и да покажат зедништво да што е можно побрзо да се реши овој горлив проблем со кој се соочуваат локалните самоуправи.

,,Сигурен сум дека со вакво претпријатие и со негово функционирање можеби не целосно, но во поголем дел ќе се решат проблеми со кои се соочуваме како општини“ рече Герасимовски.