Герапетритис му ја пренел загриженоста на Муцунски за некористењето на уставното име


Грција го отвори прашањето за неспроведување на Преспанскиот договор од македонска страна на средбата во Атина помеѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот колега Јоргос Герапетритис.

На средбата, според грчките медиуми,  Атина изразила загриженост поради зачестената употреба на името Македонија без „Северна“ од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и од министрите.

„Би сакал повторно да ја нагласам поддршката на Грција за напредокот на на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, заснован на воспоставените условености и принципот на сопствени заслуги, со посебен акцент на фундаменталните вредности. Во тој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност на целосната, доследна и искрена имплементација на Договорот од Преспа, вклучително и употребата на уставното име на државата од страна на нејзините институции“, вели Јоргос Герапетритис.

Министерот Муцунски рече дека на средбата ја нагласиле важноста на меѓународното јавно право и обврските кои ги имаме преземено – бидејќи взаемната почит е темелот врз кој се гради трајната соработка, но во фокусот биле и безбедноста, билатералната соработка, економијата и инвестициите.

„Ја изразив мојата благодарност за цврстата поддршка од Грција за нашиот европски пат и нејзината трајна улога во промовирањето на европската иднина на Западен Балкан.Тоа партнерство не само што го цениме – го сметаме за суштинско. Се фокусиравме и на конкретниот напредок кој носи резултати за нашите граѓани – инвестиции, трговија, инфраструктура, енергија. Разговаравме за проекти како Коридор 10 и гасниот интерконектор“, вели Тимчо Муцунски.

Муцунски се заблагодари на грчкиот колега за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните пожари близина на Дојран.

„Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“- рече Муцунски.

Шефовите на двете дипломатија над два часа разговараа на средбата и работниот ручек во Министерството за надворешни работи на Грција за време на првата посета на министерот Муцунски на Атина, средба за која рече дека била конструктивна, а во фокусот на разговорите се најдоа билатералните односи, соработката во повеќе области, ЕУ перспективата на земјава и регионот.

И Муцунски и Герапетритис во изјавите за медиумите по средбата порачаа дека двете земји имаат силна соработка во повеќе области и изразија подготвеност дополнително да се продлабочи.

– Реафирмиравме нешто суштинско: дека како соседи и НАТО сојузници, нашата соработка е важна. Важна е за нашите земји, важна е за целиот регион, и за вредностите што сите заедно ги застапуваме. Изразив благодарност за доследната поддршка што Грција ја дава за нашиот европски пат и за нејзината постојана улога како застапник на европската иднина на Западен Балкан. Тоа партнерство не само што го цениме, го гледаме како суштинско, порача Муцунски.

Посочи дека се фокусирале и на „напредокот што носи реални резултати за нашите граѓани“.

– Инвестиции, трговија, инфраструктура, енергија… Разговаравме за проекти како Коридорот 10 и интерконекторот за гас – не само како технички напори, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност, рече министерот Муцунски.