Георгиј избран за митрополит дебарско-кичевски


 

На денешната седница на Синодот на МПЦ, без ниту еден глас против, за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија го избра игуменот Георгиј.

Со овој избор, завршува периодот на вакуум што траеше од ноември минатата година, кога почина митрополитот Тимотеј – еден од највлијателните архиереи во последните децении.

Со тоа заврши неизвесноста дали на синодската седница ќе биде ставено и името на игуменот на Бигорскиот манастир, Партениј, што беше барање на многу мирјани. Но до тоа не дојде.

Роден на 24 јули 1968 година во Скопје, Георгиј уште од млади години стапил на патот на верата. По завршувањето на основното образование, се запишал во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево, каде матурирал во 1986 година.

Ѓоко Ѓоргевски (57) завршил богословско училиште и Богословски факултет во Скопје, во Рим магистрирал и докторирал на престижниот Понтификален универзитет „Грегоријана“.

Георгиј е многу блиска личност на архиепископот, извршувајќи ја функцијата шеф на Кабинетот од 2000 до 2010 година. Истовремено, бил и секретар на Американско-канадската епархија, а во периодот од 2010 до 2014 година – амбасадор на Македонија во Ватикан.

Се враќа во академскиот свет по завршувањето на дипломатската мисија и два мандати го води Богословскиот факултет како декан, каде што и денес е професор.

Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Криви Дол, а во само три последователни дена е ракоположен во јероѓакон, јеромонах и на 8 јуни, добива и чин игумен. Денеска стана и митрополит.