„Геометриски медитации“ – изложба на слики и графики на Гордана Вренцоска во Виница


OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Петнаесеттата самостојна изложба на Гордана Вренцоска, насловена „Геометриски медитации“ ќе биде отворена во Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница во петок, 12 јули 2024 во 19 часот.

Изложбата е во организација на Дом на култура „Тошо Арсов“ – Виница, и е во рамки на програмата на настанни за Павловден на Општина Виница. Финансиски е помогната од Министерството за култура.

„Виница, од искона, па до денес, е позната по маестралниот сестран талент на виничани. Можеме да бидеме горди на вредните луѓе кои Виница ја издигнуваат на пиедесталот во повеќе сфери на општеството. Така е и кога станува збор за културата. Токму од нашиот град потекнуваат извонредни уметници, особено ликовни творци.

Гордана Вренцоска, како една од нив, се истакнува како исклучителен деец, интердисциплинарен уметник, дизајнер и професор. Нејзиниот истражувачки дух и маестралното претворање на резултатите од истражувањата во уметничките дела е она што ја прави носител на современата уметничка теорија и практика.

Циклусот на слики и графики „Геометриски медитации“ го нагласува автентичниот и оригиналниот дух на авторот. Делата на Вренцоска се препознатливи по својот сензибилитет, едноставност и совршеност во геометриската форма. Тие се израз на една одлична персонализирана ликовност, со моќноста на чистата форма, суптилните релации и препознатливата златеста колористика.

Ликовното творештво на Гордана Вренцоска се карактеризира со полна визуелност и оригинален пристап кон реализација на творечките идеи транспортирани со современ графички израз. Нејзините слики се во служба на божествената убавина, со висок културен рејтинг кои говорат за еден голем мајстор кој себеси се обликувал со отворени очи, со посветување на учењето и творењето и со континуирано работење и усовршување.“

 

„Циклусот на слики и графики кој го нареков „Геометриски медитации“ започна со малото платно „Божество“ во 2018 година, во период на анксиозност предизвикана од континуираните напади на македонскиот идентитет и загрозеното чувство на припадност и самоопределување. Години наназад моите истражувачки и творечки активности беа поврзани со нашето културно наследство, фолклор и визуелен идентитет, па ова не беше само прашање на лични чувства, туку и своевиден „атак“ на моите професионални достигнувања. Сликањето како процес на медитација ми помогна да го воспоставам мојот внатрешен мир и да ја употребам уметноста како божествен начин за изнаоѓање одговори на тешките прашања. Во серијата на слики се испреплетуваат повеќе различни влијанија: примитивната уметност, византиската иконографија,  фолклорот, графизмот, геометријата, апстракцијата и Оп-артот. Елементите лебдат во неодреден простор, а потезите на четката се слеваат во мазни и смирени површини. Овие дела допираат основни прашања поврзани со бог, универзум, простор, време, среќа, вистина, духовност и мир. Во еден период беа создадени дела кои беа рефлексија на пандемиските стравови, во кои геометријата беше средство за рационализација на неизвесноста и изолираноста од моите студенти и блиските. Во графиките, каде појдовната точка се мотивите од македонскиот фолклор, се додадени референци од суперматизмот, конструктивизмот и геометрискиот минимализам. Црните форми симболизираат „засенување“ и „негирање“ на она што е живо, континуирано и исконско.

Исто како во мојот проект „Бескрајна приказна“, и во оваа серија на дела трагањето по среќата е низ геометриските форми, кои ми влеваат чувство на сигурност и исполнување на емотивните празнини. Уметникот може да најде воља и храброст како да се справи со општествените неприлики и низ уметноста да понуди некаква смисла во хаотичноста на животот“, вели во својот осврт, авторката Вренцоска.

Вренцоска е интердисциплинарен уметник, дизајнер и универзитетски професор. Факултет за ликовни уметности – сликарство со модно креирање завршила на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски студии по дизајн на Central Saint Martins’ School of Art & Design во Лондон како Чивнинг стипендист. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Вренцоска е редовен  професор по Визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде во последните шест години ја извршува функцијата декан.

Автор е на бројни дизајнерски проекти, стручни текстови и неколку научни трудови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ во издание на Арс Ламина. Реализирала 15 самостојни изложби и учествувала во бројни групни уметнички изложби во Македонија, Полска, В. Британија, Италија, Германија, Хрватска, Австрија, САД, Кина и други земји.

За својата работа и творештво добила бројни награди и признанија, меѓу кои: победник на Twinings натпреварот за дизајн на шапка во В. Британија; добитник на престижниот грант за уметници на фондацијата Полок-Краснер од Њујорк; UK Alumni Entrepreneurial Award 2018, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон; Благодарница за придонесот во развојот на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет; Годишната награда за сликарство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и меѓународната Iron A’ Design Award за категоријата Graphic Design.