Генералка викенд да прерасне во Генералка 365 дена, порача претседателката

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова порача дека генералка викенд треба да има секој ден во годината, на почетокот на акцијата за чистење отпад низ државата. Тридневната акција започна од Скопскиот аквадукт, за кој претседателката рече дека треба да биде парк.
– Штитејќи ја природата се штитиме себеси, а генералка викенд треба да прерасне во генералка од 365 дена – порача денеска од Скопскиот аквадукт претседателката Гордана Сиљановска Давкова на почетокот на тридневната национална акција за чистење отпад „Генералка викенд“.
Забележувајќи дека треба да ја заштитиме природата на надлежните им предочи дека просторот кај Скопскиот Аквадуктот, кој е стар повеќе од 2.000 години треба да биде парк.
Таа се задржа на француските филозофи Русо и Мишел Сера за нивните ставови за потребата од природен договор, меѓу луѓето и природата.
– Договор во кој ќе гарантираат дека луѓето ќе ја штитат природата. Ние во правото велиме дека оној кој што е постар има посилни или поголеми права, ама прво настанале билките, па животните па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата ќе се самоубиеме. Тоа е факт – истакна Сиљаноска Давкова.
Иницијативата ја поздрави и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, според кој, тоа е најмасовна волонтерска акција за чистење на отпадот во државата која од година во година станува се помасовна и станува симбол на тоа како свесноста за сопствената одговорност и добрата соработка дава видни резултати.
– Животната средина и особено ваквите споменици како што е Аквадуктот заслужуваат почит и грижа. Ваквите акции во кои сите заеднички покажуваме иницијатива, волја и подготвеност за соработка треба да бидат дел од нашето секојдневие. На отпадот не му е место на улица или во природата – рече Меџити.
Владата и МЖСПП, нагласи, ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака воља, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и идните генерации.
Еко акцијата „Генералка викенд“ е во организација на „Мен енд Маунтен“ во соработка со Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.