Гази Баба ги додели решенијата за субвенционирање на набавка и поставување на сончеви колектори


Денес во Општина Гази Баба ги доделивме решенијата за субвенционирање на граѓаните за набавка и поставување на сончеви колектори. Оваа мерка претставува инвестиција во иднината – во почиста животна средина и во енергетска ефикасност за нашите домаќинства, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.

Со овие субвенции, вели Стефковски, директно го намалуваме загадувањето, ја поттикнуваме употребата на обновливи извори и го подобруваме квалитетот на воздухот и додава дека сончевите колектори се едно од најодржливите решенија за затоплување на водата, со што се намалува потрошувачката на електрична енергија и фосилни горива.

„Оваа мерка произлегува од мојата изборна програма и е дел од широкиот пакет еко-субвенции кои ги воведовме откако ја презедов функцијата градоначалник. Тоа е доказ дека дадените ветувања ги реализираме – систематски, одговорно и транспарентно, истакна градоначалникот во својата објава на социјалните мрежи.

Покрај субвенциите за сончеви колектори, општината обезбедува финансиска поддршка и за:

– набавка на инвертер клима уреди,

– печки на пелети,

– велосипеди,

– чистење на оџаци,

– вградување ТНГ уреди во возила.

„Преку сите овие мерки, не само што се грижиме за животната средина, туку и директно им помагаме на граѓаните со финансиски олеснувања. Како општина, остануваме посветени на принципите на одговорно управување и работа во интерес на секој граѓанин. Преку овие практични мерки го подобруваме квалитетот на живот и го градиме Гази Баба како модерен, зелен и одржлив урбан простор, посочи Стефковски.

Тој порача дека зелената транзиција почнува локално и дека веруваат дека големите промени почнуваат со мали, но значајни чекори.

„Гази Баба веќе ги прави тие чекори. Ќе продолжиме да работиме со визија и посветеност за чиста и здрава иднина за сите генерации, заклучи Стефковски.