„Газела“ или „лав“, трчај и брзо и паметно: Интервју со Ангелка Пеева-Лауренчиќ, експерт за комуникации

Има толку многу работи кои заслужуваат да им се посветиме, но недоволно време за да се завршат. Важно е да се постават приоритети, вели за „Независен“ Ангелка Пеева-Лауренчиќ


Фото: Б. Грданоски

Дама и фам фатал меѓу ајкули во комуникацискиот сектор, ама тие што ја познаваат велат дека нејзиниот мил изглед знае да излаже и дека таа е ајкулата. Ангелка Пеева Лауренчиќ со импресивно портфолио, како директор и партнер во „Имиџ ПР“, е и жена која импонира и со својот шарм во машкиот деловен свет.

Предновогодишно, за „Независен“, во работен амбиент, откри колку дали е лесно да влезете во „чевлите“ на пи-арството и колку е важно во ова време на технологии и опседнатост од социјалните мрежи, да знаеме да го игнорираме телефонот и да се фокусираме на моментот. Да живееме.

Фото: Б. Грданоски

Дали ве фаќа новогодишна треска?

Го сакам предновогодишниот период, се радувам на моментите на китење елка, па мониторингот“ што следи, да не е премалку или премногу накитена, сијаличките дали се симетрични, па „ова“ полево, па „она“ подесно. По периодот на  „мониторинг“ доаѓа следната фаза на воодушевување, најчесто со фразата „леле колку ни е убава елката“, иако и елката и лампионите се исти, само ние домашните имаме плус една година доживувања и искуство. Го сакам овој светкав период од годината. Носи некоја магична радост, не само дома, насекаде.

 

Каде за Нова година?

Веројатно во некој од локалите во Скопје во т.н. дневна варијанта, а многу веројатно денот ќе донесе и убава Новогодишна ноќ. Засега така некако  се одвиваат плановие, спонтано, релаксирано и без некои посебни очекувања. 

 

По што ќе ја паметите 2024, што сакате да заборавите, а што ќе си посакате во Новата 2025?

Од личен аспект,  оваа 2024 година најмногу ќе ја паметам по тоа што син ми стана студент.  На прашањето што сакам да заборавам, не сакам да одговарам, затоа што сум во активен процес на заборавање. Светот стана толку нелогичен, интелектуално осиромашен, потпросечен и тривијален, а следствено и нашите животи во истиот тој свет, така што имам цврста одлука дека во мојата меморија има место само за поинакви стандарди.

За 2025 ќе посакам само радост, како за мене, така и за сите. Енергиите се испреплетуваат повеќе од тоа што можеме егзактно да докажеме. Високите вибрации на убави и пријатни чувства ги поништуваат ниските вибрации и негативните  чувства. Ако тоа е така, а така е, тогаш посакувам што повеќе убави луѓе околу мене. Под  „убави“ не подразбирам надворешен изглед, се разбира.

 

Верувате ли во Дедо Мраз?

Верувам. Мојот Дедо Мраз доаѓа секој ден,  не само за Нова година, и се вика Универзум.

 

Комуникациите се Вашата професија и „тајно оружје “како директор и партнер во  „Имиџ ПР“ Дали ангажманите пред Нова година се поголеми, или стандардно, преку цела година имате работа?

Работиме и кога мислиме дека не работиме, кај нас нема застанување. Можеби звучи нелогично, но тоа е вистината. Нашите клиенти во секој момент можат да се соочат со некој предизвик, за чие решавање може да побараат или им е потребна нашата поддршка. Нашата професионална обврска е да изреагираме веднаш. Комуникациите се случуваат во секој миг, се менуваат секој ден, стилот и тонот исто така. Работиме динамична, ментално активна професија, која секој ден буквално ни отвара нови хоризонти. Периодот пред Нова година е уште подинамичен заради испораката на друг тип на услуги, кои не се толку чести во текот на годината, во смисла на организација на настани и испорака на новогодишни креативни решенија за нашите клиенти. Но, нашата основна дејност, комуникацискиот менаџмент и односите со јавноста, се нештата кои постојано професионално нѐ исполнуваат.

Фото: Б. Грданоски

Дали во ова стресно време, време на технологии и опседнатост од социјалните мрежи и мобилните телефони, имаме време квалитетно да комуницираме тет-а-тет, приватно и професионално?

Има толку многу работи кои заслужуваат да им се посветиме, но недоволно време за да се завршат. Важно е да се постават приоритети. Е сега, во таа листа на приоритети, се менуваат местата. Би сакала да имам повеќе време за „жив“ разговор. Технологијата колку што ни одзема, толку  и ни дава можности да останеме во каква – таква комуникација и контакт со пријателите. Групните разговори на дигиталните мрежи и канали имаат улога да го надополнат „живиот“ дел од комуникацијата, што за жал се повеќе го пропуштаме.

 

Односите со јавност, како подрачје особено кај нас, е најнедефинирано. Опфаќа сѐ или ништо. Можете ли да ни објасните зошто оваа професија толку доби на актуелност и дали навистина со нејзина помош се воздига или се руши некој имиџ?

Оваа професија неформално постои отсекогаш, а  формално е стара еден век.  Ние, кај нас доцна ја откривме, затоа сеуште страда од детски болести. Живееме во свет на комуникации.  Не постои објективна вистина, само објавена „вистина“, ова го констатирал Черчил, а тогаш медиумите биле многу ограничени. Можеме да замислиме како тоа изгледа денес, со сите канали за пристап кон различни содржини. Со многу ретки исклучоци, секогаш позади сите сериозни нешта стои јасна стратегија за односи со јавност и прецизен план врз основа на таа стратегија.  Така се креира јавното мислење. Така се креира и мислењето на ниво на компанија, организација, држава,  на регион, континент, свет. Суштината е дека информациите секако постојат, прашањето е дали ги водиш или трчаш по нив. Стратешките односи со јавноста се многу моќна алатка, тука нема дилема. Дилемата е на друго место – што навистина се односи со јавност, а што пропаганда, спин, публицитет…  Последните без исклучок се краткотрајни и не секогаш завршуваат во корист на нарачателот.  Односите со јавност или ПР-от, како што популарно се нарекува, се сериозна зналачка професија и секој обид да се импровизира завршува очајно, иако еуфоријата на почеток може да изгледа фантастично, на долг рок сосема извесно е сосема спротивното.

 

Соработувате со едни од најмоќните компании кај нас. Дали во Македонија може да се пофалиме со високи корпоративни вредности, управување и однесување како во светот?

Со влезот на интернационалните компании, што се случи во раните 90-ти од минатиот век, започна процесот на имплементација на прозападниот модел  на корпоративно управување, а со тоа и дефинирани корпоративни вредности. Кај нас се имплементира бихејвиристичкиот пристап, односно проевропскиот тип на креирање на компаниска култура. Имаме голем број на компании со  корпоративни вредности, по највисоките стандарди во светот, а во таа група значаен дел се со доминантно домашен капитал, одговорно управувани од наши, домашни менаџерски тимови. На ова поле имаме сериозни позитивни поместувања.

 

Дали нашите компании го сфаќаат значењето на пи-арот за да бидат поуспешни?

Односите со јавност, односно ПР-от, се моќна менаџерска алатка, која помага да се идентификуваат значајните публики за компаниите, да се воспостави систем на разбирање и дијалог, што во крајна линија ја зголемува довербата кон компанијата. Целта на секоја компанија во услови на пазарната економија и висока конкурентност е да ја зголеми довербата. Довербата значи репутација. Затоа некои компании за ист производ имаат повисока пазарна цена од конкуренцијата, но и покрај тоа се лидери во пазарниот удел. Во денешно време, многу повеќе од порано, тоа е најголемиот капитал и непремостлива пречка за конкурентите на пазарот. Еве пример од социјален експеримент: ако имате три идентични производи/сервиси, еден од нив го етикетирате со потпис од компанија со висока репутација, другите два со понизок, изборот секогаш паѓа на компанијата со висока доверба. Истите правила важат и за организации, личности, политички структури итн. Но, вреди да се потенцира уште еднаш, да не се мешаат поимите пропаганда, публицитет или спин со односи со јавност. Првите даваат сосема спротивен ефект од споменатиот. Исто така, многу честа е заблудата дека маркетингот и ПР-от се скоро иста работа, па дури и во академскиот свет се среќаваме со оваа теза. Еве само една разлика, повеќе како објаснување за читателите – маркетингот е наменет за зголемување на продажбата, а ПР-от за зголемување на довербата.

Фото: Б. Грданоски

Вашата професија бара максимален ангажман. Дали во животот Ве води амбицијата, високата цел или едноставно сте жена со немирен дух?

Во животот ме води инстинкт и потребата да не се потроши денот на ништо. Со свесноста за ова се соочив многу рано. Не би рекла дека сум немирен дух, напротив, носам претежно мирна енергија, сакам да планирам цели, дисциплинирана сум во спроведувањето и инсистирам на организиран систем. На немирниот дух кај мене, му давам шанса во времето резервирано за релаксација и дружење.

 

Дали е лесно да се биде деловна и убава жена во Македонија?

Бизнисот не е лесна работа за никого. Тоа е маратон на долги патеки на кој трчате секој ден, одново и одново. Ако сте „газела“ во бизнисот, трчате брзо за да не ве изеде „лавот“, ако сте „лав“ трчате да ја изедете „газелата“, зошто во спротивно ќе останете гладен, а ако не јадете подолго може и да ве снема. Значи, без оглед дали си „газела“ или „лав“ многу е важно да трчаш и брзо и паметно, секој ден. Е сега, на „лавот“ не му е баш гајле дали „газелата“ е убава или не, најважно му е да е сит. Значи, бизнисот е ист за сите играчи. До сега не сум добила ниту една деловна зделка на пол или убавина.

 

Во Советот сте на Алијансата на родовата еднаквост. Кои стереотипи за жената уште ве вадат од кожа?

Ме вади од кожа самата поделба на жени и мажи при исти услови за работа и исти работни задачи. Истражувањата покажуваат дека жените се помалку платени.  Да се разбереме, не сум феминистка, го подржувам концептот на поделени улоги, ја почитувам женственоста и машкоста и тоа така треба да биде и да остане. Но 100 евра, се 100 евра и за мажи и за жени, не може затоа што си жена да бидат 87!?! Тоа е неправедно.

 

Одамна сте ангажирани и во проектот „Браво сине“ која ја тера својата 11-та година и е поттик за креативците и сите кои сакаат да создаваат трајни вредности. Дали ја остваривте мисијата која ја замисливте со вашиот починат сопруг, маркетинг легендата Иво Лауренчиќ?

„Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, го креираше брендот „Бајки од Македонија“, проект од национална важност, со над 100 безвременски дела. Сето тоа во чест на Иво Лауренчиќ, еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал, најчесто со зборовите „Браво сине!“. Тоа е мисија што никогаш не завршува.

 Со „Браво сине!“ покажавме дека имаме голем и свеж креативен капацитет кај младите кои бараат шанса да ги покажат своите потенцијали. Многу сме горди што успеавме да создадеме платформа што овозможи тие да се изразат креативно, а како резултат на тоа се создадоа нови дела „Бајки од Македонија“ што ќе живеат и после нас. „Бајки од Македонија“ за кратко време станаа едни од најпродаваните и најнаградуваните книги за деца кај нас, преведени на седум светски јазици, вброени помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци во светот – „Вајт рејвенс“ (The White Ravens)

 

Вам ниту политиката не ви е туѓа. Уште во времето на Југославија бевте во Претседателството на Социјалистичката младина, а потоа во Либерално-демократската партија, и нивен пратеник во Македонското собрание. Се сеќавам тогаш, дека вашите колеги-пратеници ве избраа за најубава пратеничка. Како денес гледате на политиката?

Демократијата не е воопшто идеален систем, но досега подобар не е измислен. Мнозинството го владее малцинството. Прашањето е какво е мнозинството. Така гледам на политиката денес.  Убаво е да се прочита Сократ што вели на токму на оваа тема, неколку стотици години пред нашата ера. И сосема е во право до ден денес. Точно, ги поминав сите скали во политиката и го заокружив тој дел од мојот професионален живот во 2006 година. Моето директно учество во тие политички процеси ми помагаат полесно да ја склопам големата слика. 

Фото: Б. Грданоски

Што и кој Ве инспирира во животот и во професијата?

Да се даде смисла на животот, тоа е мојата инспирација секогаш. Ме инспирира секој нов ден. Која е смислата на денот? Секоја нова година. Што е мојата цел во оваа година? Да се развие нешто ново, поинакво, не само во бизнисот, туку на секое поле. Тоа ме движи. 

На кои животни лекции ги учите вашите деца?

Сите лекции се сведуваат на една наша поговорка: „Не го прави на другите, тоа што не сакаш да ти го прават на тебе“. Сѐ останато е дозволено. Вера и Ведран израснаа во прекрасни личности. Горда сум на тоа.

 

Која е вашата цел?

Имам многу мали цели, немам некоја голема цел. Најважно е да сме сите на број и во добро здравје.

 

Како ги полните батериите?

На различни начини. Ако сум во „ОН“ фаза, тоа најчесто значи контакти, дружење, прекрасни моменти со пријателките и пријателите. На „ОФ“ си го барам мирот, спокојот, за да се наполни батеријата  одвнатре, не само однадвор. Во секоја од фазите знам кога треба кренам рачна.  

Живееме во време кога вештачкиот изглед станаа едно исто со природниот. Кое е вашето мислење?

Кој како сака. Тоа е моето мислење. Се додека не му штетиш на другиот, можеш да правиш што сакаш со себе. Лично не ги преферирам екстремните крајности, и во една и во друга смисла, но ги прифаќам и не ги осудувам.

 

Како урбана и модерна жена, кои се вашите ритуали за убавина и изглед во секоја пригода?

Прв ритуал е да се сакаш себе си. Најтешкиот и најважниот. Потоа доаѓаат сите надворешни интервенции и „воени“ бои. Црвениот кармин секако е неизбежен.

Дали сметате дека модата и брендираните парчиња се преценети во Македонија, како повеќе да ве ценат по етикетите отколку по карактерот или образованието?

Така е, но лично сметам дека кулминацијата на тој период е помината и надмината и полека станува тривијална. Ја знаете приказната „Царевото ново руво“ од Андерсен? Е, полека се окрупнува  групата која јасно кажува дека „Царот е гол“.  

Фото: Б. Грданоски

Што треба една деловна жена да има во својот орман?

Едноставни парчиња, што лесно се комбинираат. Тоа е мојот орман. Не сум многу надарена за комбинации, особено не наутро. Некоја палета на брошеви, марами и друг тип на „освежувачи“ на изгледот. И тоа е тоа.

 

Во кој град, освен Скопје би сакале да живеете?

Таа дилема одамна ја расчистив. Скопје е мојот избор –  какво е, такво е, мене ми е токму.