Гасот и нуклеарките сега се „зелена енергија“: Европарламентарците гласаа за одлука што ќе ја обликува климатската политика
Противниците на вклучувањето на гасот и нуклеарната енергија изразија загриженост дека тоа ќе поттикне понатамошни инвестиции во фосилни горива и ќе ја одложи транзицијата на ЕУ кон обновлива енергија
Членовите на Европскиот парламент денеска со мнозинство гласови одлучија нуклеарната енергија и природниот гас да се означат како „зелена“ енергија, што, како што пишува Вашингтон пост, е внимателно следена одлука која може да ја обликува климатската политика во наредните години.
Во прашање е климатската рамка позната како „таксономија на ЕУ“, која има за цел да ги насочи инвестициите кон проекти кои се во согласност со целта на 27-члениот блок да бидат климатски неутрални до 2050 година.
Во февруари, пред почетокот на рускиот напад врз Украина, Европската комисија го претстави планот за класифицирање на природниот гас и нуклеарната енергија како „преодни“ зелени инвестиции во одредени околности, што предизвика жестоки контроверзии.
Пет месеци подоцна, глобалната енергетска криза се засили, па европските законодавци ги отфрлија приговорите на предложените правила и го усвоија предлогот на ЕК со 328 гласа „за“ и 278 „против“.
Реакцијата на критичарите беше моментална. Во салата се слушало „свиркање“ кога се читал резултатот од гласањето во седиштето на Парламентот во Стразбур, пишува Вашингтон пост.
Еколошката активистичка организација Гринпис ја нарече одлуката на Европскиот парламент „валкана политика“ која „ќе обезбеди повеќе прилив на пари во воениот буџет на (рускиот претседател Владимир) Путин“.
Во срцето на дебатата беше прашањето дали гасот и нуклеарните централи некогаш, под какви било околности, би можеле да се сметаат за одржливи или зелени извори на енергија.
Пред украинската војна, вклучувањето на гасот во „таксономијата“ беше поддржано од земјите-членки на ЕУ кои сметаа дека оваа енергија треба да служи како „мост“ во процесот на напуштање на фосилните горива и зголемување на нивните капацитети за обновлива енергија.
Франција и другите се залагаат нуклеарната енергија да биде означена како „зелена“, и покрај силното противење од Германија.
Не само екологистите, туку и некои советници од ЕУ, па дури и главниот извршен директор на група што ги претставува големите инвеститори се изјаснија против предлогот на ЕК.
Критичарите изјавија дека напорите на Европската комисија да ги „заштити приватните инвеститори од ‘гринвошинг’ (greenwashing), односно од лажно рекламирање на производи или проекти како еколошки со цел да се стекне со пазарна предност, ризикуваат да се претворат во ‘гринвошинг“ во уште поголем обем.
Противниците на вклучувањето на гасот и нуклеарната енергија во „таксономијата“ изразија загриженост дека тоа ќе поттикне понатамошни инвестиции во фосилни горива и ќе ја одложи транзицијата на ЕУ кон обновлива енергија.
„Оваа одлука на Европскиот парламент ќе ја одложи очајно потребната, реално одржлива транзиција и ќе ја продлабочи нашата зависност од руските горива. Ова лицемерие е зачудувачки, но за жал не изненадува“, напиша денеска на Твитер активистката за климата и животната средина Грета Тунберг, пишува Вашингтон пост.