Гасот ги чини германските потрошувачи 80 отсто повеќе отколку пред војната во Украина

Цените на енергијата за потрошувачите во Германија умерено растат. Но, во споредба со цените пред избувнувањето на војната во Украина, поскапувањата се огромни.
Домаќинствата во Германија плаќале во просек по 12,28 центи за киловат-час за природен гас во втората половина од минатата година, објави Сојузниот завод за статистика.
Ова е за 3,5 отсто повеќе отколку во првите шест месеци и 7,6 отсто повеќе од втората половина на 2023 година. Во споредба со втората половина на 2021 година, која се зема како референтен период пред рускиот напад на Украина и последователната енергетска криза, цените на гасот за приватните домаќинства беа за 79,8 отсто повисоки, велат статистичарите.
Во случајот со струјата, споредбата е помалку драстична. Во втората половина од минатата година потрошувачите плаќале во просек по 41,2 центи за киловат-час.
Тоа е за 0,4 отсто повеќе во однос на првата половина од годината, но за 1,3 отсто помалку од претходната година. Споредено со периодот пред рускиот напад на Украина, поскапувањето е 25,3 отсто.
Повисоките тарифи и даноци придонесоа за зголемување на цените на енергијата.
Како што објаснуваат статистичарите, враќањето на ДДВ на нормална стапка од април 2024 година и зголемувањето на надоместокот за складирање на гас од јули доведоа до зголемување на цената.
Државата претходно го намали ДДВ за да го ублажи енергетскиот шок за населението и стопанството.
Даночното оптоварување на приватните потрошувачи на природен гас се зголеми за нешто повеќе од една третина во однос на првата половина од 2024 година.
Сепак, повисоките мрежни трошоци доведоа до благо зголемување на вкупната цена на електричната енергија.
Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократите (СПД), кои преговараат за формирање нова влада, договорија мерки за намалување на трошоците за електрична енергија за бизнисите и потрошувачите.
Се планира значително намалување на даноците за електрична енергија и таксите за мрежа.
Статистиката покажува дека компаниите и владините институции поминале подобро од домаќинствата.
Во втората половина на 2024 година, тие плаќале во просек по 6,35 центи за киловат-час за природен гас, без ДДВ и други даноци кои се одбиваат.