Гаши се сретна со поранешни претседатели на Собранието, Џафери го немаше


 

Спикерот на македонскиот парламент денеска објави дека 21 октомври се сретнал со поранешни претседатели на Собранието Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски и Трајко Вељаноски. Во соопштението се вели дека поканети биле досегашните претседатели на Собранието. Претходниот претседател, Талат Џафери, не дошол.

Гаши им се заблагодарил на неговите колеги по функција, а и тие нему за поканата. Тој посочил неколку активности што во изминатиов период се случија и се во тек во Собранието, а се од големо значење како за Собранието така и за државата: Законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона; Националната развојна стратегија 2024-2044, донесена согласно Законот за Националната развојна стратегија од февруари 2024 година, од претходната власт, а поради своето стратешко значење беше основа во овој мандатен период за формирање на интерпартиска парламентарна група за следење на нејзиното спроведување; примената на новиот Деловник, којшто ја зајакнува надзорната функција на Собранието преку дополнителна можност за поставување на пратенички прашања само за пратениците од опозиција.

На средбата станало збор за трите стратешки цели коишто во стратешките планови на Собранието изминативе неколку години беа присутни: финансиска независност на Собранието, независност на службата и независност на обезбедувањето.