Гаши: Нема иницијатива за промена на државниот грб

По најавите за промена на државниот грб, претседателот на Собранието Африм Гаши вечерва изјави дека не гледа дека има некоја инцијатива и кога би дошла, би ја разгледале во таа насока, како што е по Деловник, по закон и по Устав.
– Ако се бара да се менува Уставот, се знае процедурата, рече Гаши. Смета дека за симболите треба да разговараат лидерите.
Во однос на укинувањето на баласерот, Гаши посочи дека имале идеја да предложат или да донесат закон за тоа зошто, како што рече, беше евидентно дека балансерот или тој механизам не ги даде своите резултати и беше злоупотребуван во последните години.
– Правилна е одлуката на Уставниот суд што така одлучи, подвлече Гаши. Најави дека законот се подготвува и наскоро ќе биде пуштен во собраниска процедура, а во март, април ќе се донесе.
На новинарско прашање за интерпелацијата на петте члена на Судскиот совет, Гаши рече дека ако сакаме подлабока реформа, Судскиот совет е навистина една од клучите алки во овој правосуден систем.
– Јас не учествувам во креирање на таа политика или на таа длабока реформа. Само низ призма на претседател на Собрание го гледам ова како политичар и го кажувам. Мислам дека граѓаните знаат дека Судскиот совет има голема важност во овој процес и мислам дека понесени од ова, е почнат тој процес за сензибилација и во Судскиот совет за да почне таму една подлабока реформа, рече Гаши.
Прашан за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Гаши рече дека е обврзан како претседател на Собрание да работи по Деловник, по Закон за Собрание и по Устав.
– Ако дојде до нас таква иницијатива, која е предложена од Владата, најверојатно ние ќе треба подетално да ја видиме уште еднаш. Но, ние главно се носиме со процедурите кои ги имаме. Ако се изгласа тоа и потоа некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд треба да цени дали Собранието постапило согласно закон и Устав. Ако Владата ни достави уреден предлог, кој ги исполнува нашите критериуми за работа во Собранието, согласно Деловникот, ние ќе го ставиме во процедура, рече Гаши.
И покрај реакциите на Здружението на новинарите на Македонија, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на СР Германија за предлог-составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Гаши е убеден оти процедурата е испочитувана максимално. Тој додаде и дека разговарал со овие „меѓународни организации, фактори и амбасади“ за, како што кажа, наводи и новинарски написи кои секогаш не се целосно издржани. За Нафије Селмани, една од седумте предложени кандидати и поранешна сопартијка на Гаши, претседателот на парламентот вели дека еден човек не треба да биде етикетиран доколку во одреден период од животот бил дел од политичка партија.
На прашањето дали има чувство дека прашањето за уставните измени е веќе оставено за решавање по локалните избори, Африм Гаши одговара негативно .
-Бугарија има нова влада, но не можеме да очекуваме веднаш голем успех во разговорите. Добро е што се остварува комуникација и со дијалог и отвореност, гледајќи низ призма на заеднички интерес, можеме да пристапиме кон решавање на спорот, вели Гаши во интервју за „360 степени“.
-Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ. Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол“, изјави Гаши.
Прашан што е план на македонската влада, Гаши вели:
-Мислам дека сите идеи треба да бидат на маса. Ако сме креативни и креираме повеќе идеи, тоа е подобро за решавање и мислам дека треба да дојдеме до нешто што е најдобро можно во моментов. Не треба да бидеме заложници на некоја идеја или од каде доаѓа таа идеја. Треба да имаме волја да најдеме решение за спорот. Мислам дека тоа е нашиот главен интерес. Кој и да има таква идеја, еве бараме помош и од нашите пријатели во Брисел, во важните земји, јас и лично веќе седум-осум месеци ја развив таа парламентарна дипломатија која не беше во минатото развиена токму во оваа насока. Убедувајќи ги нашите пријатели да помогнат да се тргне таа последна пречка за да ги отпочнеме преговорите.
Тој се согласува со ставот на премиерот Христијан Мицкоски искажан во Минхен, кој во присуство на еврокомесарката за проширување Марта Кос, потсети дека иако на земјава ѝ беше ветувано брзо членство во ЕУ ако се реши прашањето за името, тоа не се случи.
-Во право е премиерот Мицкоски кога го спомнува и се навраќа на Преспанскиот договор и големиот компромис кој го направивиме за да се зачлениме во ЕУ и во НАТО. Такво беше референдумското прашање. Така што, понекогаш заради динамиката на политиките и случувањата се заборава на тој момент. Навистина во ниту една држава на Балканот не е покажана способност и таков голем капацитет за компромиси, вили претседателот на парламентот.
Тој уверуваше дека секојдневно работат на таа тема и ако има добро решение, постапката за уставни промени може да почне веднаш.