Гаши не прима наредби од Уставниот суд за Кривичниот закон

Претседателот на Собранието Африм Гаши смета дека собраниската говорница не треба да се користи за навреди, по вчерашниот испад на министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска која ја омаловажуваше и навредуваше пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.
„Политичката култура треба да важи за сите, вклучително и за министрите во владата. Повикувам со тој говор на омраза да бидеме внимателни оти има последици и врз рушење на дигнитетот на Собранието. Недозволиво е тоа, мора да се почитуваме едни со други, и за тоа ни треба уште работа. Можеме да кажуваме политички ставови без да се навредуваме едни со други”, рече Гаши на денешниот брифинг со новинари.
Околу тоа како ќе постапи Собранието, кое пред 2 недели доби рок од 6 месеци од Уставниот суд да ги анулира штетните последици од измените на Кривичниот законик Гаши одговори дека не можат да им даваат рок.
„ Знаеме која е функцијата на Уставниот суд, не сакам јас да им укажувам на тоа. И не знам како дојде до тоа да ни даваат рок. Знаеме дека тие треба да судат околу уставноста на некој донесен закон и нивно целосно право е да донесат одлука за некој закон. Кога ќе донесат одлука, тогаш институциите постапуваат по таа одлука. Додека нема одлука, ние не можеме да постапуваме. Таа тема е сензитивна и сите ние сакаме да дојдеме до Кривичен законик кој ги задоволува сите страни“ – рече Гаши.
Претседателот на Собранието го има истиот став и во врска со Законот за електронски комуникации. Уставниот суд го испрати овој закон назад во Собранието во септември 2024 година, со шестмесечен рок, што значи дека пратениците имаат уште еден месец да постапат по насоките на уставните судии.
„ Собранието не може да постапи по правилници и акти на други институции. Не се сеќавам дека сме добиле допис од Уставниот суд во врска со доработка на Законот на електронски комуникации“ – рече Гаши.
Запрашан дали ова може да се толкува дека Собранието не прифаќа наредби од други институции и дека нема да ги подобрат решенијата во Кривичниот законик и во Законот за електронски комуникации, Гаши рече дека е позната процедурата како се носат и се изменуваат законите.
„Ние постапуваме според нашиот Деловник, а не според акти на другите институции. Во Собранието се знае точно процедурата како започнува законодавната постапка. Еден пратеник или група пратеници треба да дадат предлог, кој се доставува до сите пратеници итн. Кога ќе добиеме допис од некоја институција, ние веднаш ја препраќаме до сите пратеници. Документите од другите институции не седат во мојот кабинет. Ако имавме допис од Уставен суд јас веднаш ќе го доставев до сите пратеници, за да одлучиме што ќе правиме во врска со тоа. Тој дел не е само моја обврска. Ако пратениците постапат, јас сум должен да го почитувам процесот – рече Гаши.
Уставниот суд неодамна изрази сериозен сомнеж за уставноста на Кривичниот закон во целина и донесе одлука да му наложи на Собранието во рок од 6 месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот. Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд.