Гаши на Економски парламентарен форум на Парламентарното собрание на Медитеранот во Маракеш


Фото: Б. Грданоски

 Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска и утре ќе учествува на Економскиот парламентарен форум на земјите членките на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ), кој ќе се одржи во Маракеш, Мароко.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на настанот ќе учествуваат и пратениците Сали Мурати, Калтрина Беќири и Дафина Стојаноска,членовите на Делегијата на ПСМ во Собранието на Република Северна Македонија.

Основни теми на Форумот се: Еволуцијата на меѓународната трговија и финансиите во регионот; Енергетската адаптација како повеќедимензионален пристап кон одржлив развој; Развојот и управувањето со вештачката интелигенција, со посебен акцент на улогата на парламентите во нејзината примена и регулација.

Во текот на своето учество на настанот, претседателот Гаши се очекува да оствари повеќе билатерални средби, со цел унапредување на соработката и размена на ставови по актуелни прашања.

Парламентарното собрание на Медитеранот е меѓународна организација основана во 2005 година од националните парламенти на земјите од Евро-медитеранскиот регион. Тоа е правен наследник на Конференцијата за безбедност и соработка во Медитеранот (КБСМ), започната во раните 90-ти. Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ) е меѓународна организација, која ги обединува 34 парламенти-членки од Евро-медитеранскиот и Заливскиот регион за да дискутираат и да се соочат со критични прашања, како што се регионалните конфликти, безбедноста и борбата против тероризмот, хуманитарните кризи, економската интеграција, климатските промени, масовните миграции, образованието, човековите права и меѓуверскиот дијалог.