Ганиу: Дивоградбите во Чаир ги наследивме, Арсовска е мегафон на ДУИ

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу ѝ возврати на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која преку фејсбук-статус неодамна побара негово апсење поради, како што наведе, „злосторничко здружување, фалсификување јавни исправи, перење пари, злоупотреба на службена должност и загрозување на безбедноста на граѓаните на Чаир“. Ганиу не само што ги негираше овие обвинувања, туку и ја обвини Арсовска за политичка манипулација во корист на ДУИ.
„За сите овие акти моите адвокати работат за да има тужби за невистините што ги зборува. Чесната жена од Град Скопје манипулира. Во Чаир во 2005 година, кога градоначалник станува Изет Меџити, имаше 13.000 дивоградби или над 75% од сите објекти во Општина Чаир беа дивоградби. Ние тоа го затекнавме. И таа го употребува често, дека 13.000 дивоградби се во мое време. Не е вистина дека тие објекти што се изградени се на земјиште на РМ. Чаир е три квадратни километри и сопственоста е на некого. РМ нема земјиште или многу малку. Другото, 150 згради што таа ги објавува се невистини. Најновата лага што ја зборува е дека има 50 нови темели во Чаир. Сите овие се лажни тврдења со цел мегафонот на ДУИ да ме дискредитира“, реагира Ганиу.
Во однос на обвинувањата дека општината издавала дозволи за градба на деца и неполнолетни лица, Ганиу рече дека овие тврдења ќе бидат расчистени преку институциите.
„Сите тие работи ќе ги расчистиме пред судските органи. За тврдењата за кои зборува таа, изјавите се даваат пред нотар, не пред мене. Јас не сум надлежен за да ги контролирам тие работи. Има други институции кои треба тие работи да ги контролираат. А, госпоѓа Арсовска, јас ви тврдам, дека други објекти изградени после 2011 година, таа ги има легализирано“,обвини Ганиу.
Според Ганиу Чаир не е исклучок, туку една од општините што најмалку придонеле во вкупната бројка на нови дивоградби од 2011 година наваму.