Порака од Голоб: Процесот за преговорите со ЕУ не смее да застане


 

Веруваме дека Македонија и нејзиниот евроатлантски пат е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западниот Балкан. Процесот кој минатата година доби нов момент, а тоа се пристапните преговори за Македонија и Албанија на патот кон полноправно членство во ЕУ, е процес кој не смее да застане, посебно во оваа ситуација, рече словенечкиот премиер Роберт Голоб на денешната прес-конференција со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.

Тој посочи дека промената на Уставот е тежок процес, но мора да се случи, како и дека станува за историска можност која нема врска со партиска припадност, додавајќи дека евроинтегративниот процес наМакедонија не смее да запре ни со внесување на дополнителни билатерални прашања во агендата.Според него, постојат доста елементи кои би го сакале спротивното, бидејќи не им е во интерес евроинтегративниот процес на земјата.

„Затоа ќе сториме сѐ за да ја поддржиме оваа Влада на господинот Ковачевски и сите останати напори во Македонија, за да ги исполниме очекувањата и обврските кон ЕУ. Од друга страна и ЕУ е таа која ја разбира актуелноста на моментот во Македонија и адекватно го прилагодува целиот процес да не застане. Сѐ што беше направено минатата година во процесот на приближување кон ЕУ не смее да сопре. Тоа е она што е клучната порака денес. Словенија игра актуелна улога во Брисел и по потреба во регионот. Денеска јасно кажавме дека Македонија секогаш може да смета на нашето потполно сојузништво и поддршка“, кажа Голоб.

Премиерот Ковачевски рече дека Македонија високо го почитува ангажманот на Словенија во сите важни процеси за нашата држава, при НАТО интеграцијата, кога беше втората земја што го ратификуваше Протоколот за пристапување и посебно при отворањето на пристапните преговори со ЕУ, во јули, минатата година, по 17 години од добиениот кандидатски статус, се наведува во соопштението од Владата.

„Словенија отсекогаш била силен и гласен поддржувач на нашите евроатлантски интеграции и на европските перспективи на Северна Македонија и на Западен Балкан и затоа од исклучителна важност е поддршката и во овие моменти кога е пред нас шансата за зацврстување на европската ориентација, која е од стратешко значење и за целиот регион“, рече премиерот Ковачевски. 

Разговарано е и за успешната економска соработка, за што е доказ унапредувањето на трговијата меѓу двете земји, како и за можностите за проширување  во други области од значење за граѓаните, како што е енергетиката и дигитализацијата. При тоа разговарано е и за одржување заедничка седница на двете влади во текот на оваа година.

Од примателите на словенечка развојна помош, земјите од Западен Балкан се приоритет број еден, односно 60% од словенечкиот буџет за развојна помош се доделува на земјите од Западен Балкан, а 40% на другите програмски земји. Она што е посебно важно за нас денес, е што предвидовме и унапредување на соработката за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, насочени кон успешна подготовка на Македонија за членството во Унијата“, најави Ковачевски на прес-конференцијата со Голоб. 

Словенечките инвестиции во Македонија се околу 6,9 % од вкупниот прилив на странски директни инвестиции, што ја прави Словенија петти по ред инвеститор во земјата.

„Статистиката вели дека вкупниот кумулативен прилив на странски директни инвестиции е над 400 милиони евра. Во Македонија работат над 40 словенечки компании кои вработуваат 2.500 вработени, меѓу нив ТАБ МАК, ЛТХ’ – леарница во Охрид, инвестиција со питка вода во Пробиштип, како и на винаријата Ормож – Пуклавец’ во Дисан, Неготино. Тука се и пречистителните станици во Штип и Неготино. Словенечките инвеститори имаат акции во Комерцијална банка, Охридска банка, а Нова Љубљанска банка е сопственик на Тутунска банка, којашто е една од подобрите банки во земјата. Прва Покојнска Дружба и Нова Љубљанска банка се со-основачи на двата приватни пензиски фонда во РСМ. Не можам, а да не ја споменам и најголемата фотоволтаична централа во Македонија – ГЕН-И, којашто ја пуштивме во употреба минатата година и којашто е исклучително важна за Македонија во однос на енергетската трансформација на земјата“, рече Ковачевски.

Тој најави дека наша цел е да се зголеми трговската размена на 500 милиони евра (во моментов е речиси 300 милиони евра) и да се продлабочиме соработката во делот на странските директни инвестиции.

„Во последниов период, сведоци сме и на зголемен интерес кај македонските компании за инвестирање и извоз на словенечкиот пазар, каде веќе добро се пласираат и неколку македонски брендови. Македонските инвестиции во Словенија достигнаа над 30 милиони евра, и најмногу се во делот на металургијата“, посочи премиерот Ковачевски.

„Посебно ме радува што во моментов има околу 1.500 студенти од Македонија на редовни додипломски и магистерски студии на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана. И јас лично, а и во Владата, посакуваме овие студенти, по завршувањето на студиите да се вратат во Македонија и да го применат стекнатото знаење. Европските услови за живот се потребни како за младите луѓе, така и за сите наши граѓани“, порача Ковачевски.  

Во одговорите на новинарските прашања, премиерот Голоб нагласи дека Македонија е дел од Европа, дека премногу чекаше на интегрирањето во ЕУ „и денес е на точка кога процесот се помести и мора да направиме сè овој процес да не запре никогаш повеќе“.  Тој изрази очекување дека ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Македонија, затоа што ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината“, како и изрази очекување дека до ноевмри ќе се исполнат сите услови и во декември ќе се утврди дека Македонија ќе може да продолжи со преговорите со ЕУ.