(Галерија) Замре Старата скопска чаршија


Фото: Б. Грданоски

Петок – прв ден на пролетта, а Старата скопска чаршија пуста.

Ретките дуќанџии, кои се уште ги држат дуќаните отворени, седат на пролетното сонце, пред врата, чекајќи некој да влезе во продавницата, макар муабет да скршат со некого.

Сепак, поради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, граѓаните се претежно дома, а по старите скопски улички претрчува само по некој. Брзаат некаде да завршат работа и да вратат дома.

Преку устата со маски од секаков вид, со неколку ќеси во рацете, само прелетуваат низ скопската чаршија, речиси не погледнувајќи во излозите.

Многу дуќани не се ни отворени. Со кепенци и катанци на вратите, чекаат да помине кризата.

Дуќанџиите се жалаат, ако продолжи вака, се плашат како ќе преживеат, како ќе заработуваат за живот.

Петок е ден за молитва за муслиманските верници, но џамиите во старата чаршија се празни.

Затворени се и рестораните и кафулињата. Само по некое маче претрчува од една сенка во друга.