(Галерија) Водно го понуди својот раскош – скопјани уживаа во убавото време


Фото: Б. Грданоски

Првите два дена од Новата година беа сончеви, па скопјани поитаа на падините на Водно да прошетаат во природа.

По година помината со карантин, ограничување на движењето, седење дома по препорака на здравствените власти, но и задолжително носење маски и на отворено, како заштита од пандемијата од корона вирус, жителите на главниот град, имаа можност да се надишат чист воздух на високо, над смогот кој го покрива Скопје.

Фото: Б. Грданоски

По подолго време Водно е полно, па освен оние кои со автомобили стигнаа горе, ги преполнија паркинзите или оставија возила покрај патот имаше бројни рекреативци кои со велосипеди стигнаа на планината, а некои и пеш.

Од фотографиите на фотографот на „Независен“ Борис Грданоски, се гледа дека нема каде `игла да се фрли`.

Фото: Б. Грданоски

Растрчани деца, насмеани родители, задишани повозрасни граѓани, полетни млади луѓе… сите го посетија Водно.

Сведочат дека паркинзите се преполни, по патот до Средно Водно наредени како бисери еден до друг стојат автомобилите. Кон Нерези едвај се поминува, додека градот дреме под јануарското сонце, а врз него повторно се навлекува смог.

Фото: Б. Грданоски

(Не)дисциплината во паркирање е стандардна за скопјани, но реално и нема многу места каде да се остави автомобилот. Авотбусите на Јавното претпријатие „Скопје“, за викенд не сообраќаат до Водно, а не работи ни жичницата, па нормално е секој да замине на планината со автомобил, секако, некои и со велосипед.

По секој викенд, од Град Скопје известуваат колку граѓани го искористиле паркингот на Водно, но во вакви денови тој не е доволен.

Граѓани кои се обидоа да стигнат до таму, велат дека по пат, им се јавувале пријатели кои веќе стигнале и ги одвраќале од патот, затоа што имало голем метеж. Некои заминувале на другата страна кон Соње, Марков манастир и други излетнички места.

Фото: Б. Грданоски

А планината има што да понуди. Во првите јануарски денови, несебично ги подава гранките накитени со црвени шипинки и други зимски плодови, за да нѝ каже дека жива, дека тука е за нас, а ние треба само да ја чуваме и да ѝ се восхитуваме.

Фото: Б. Грданоски

Ако потрае невообичаената прогноза за овој временски период со температури до 14 степени Целзиусови, Водно и следниот викенд ќе прими многу скопјани на своите падини.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски