(Галерија) Снегот ги израдува децата и им отвори работа на возрасните
На снегот што наврна во повеќе делови на Македонија, очекувано, најмногу му се израдуваа најмладите.
Многу од нив, едвај дочекаа да излезат надвор и веднаш се зафатија со работа – да направат по некој Снешко – белчо. На рака им одеше и влажниот снег, кој се „лепеше“, така што малите грутки брзо ја добиваа посакуваната форма и беа обликувани во препознатливите фигури.


Дополнително, продолжениот распуст им овозможи на најмладите уште повеќе да можат да уживаат во снежното белило и да ги „извлечат“ надвор на свеж и не толку чист воздух, нивните блиски, било да станува збор за родителите или пак бабите и дедовците.


Од друга страна, снегот им отвори работа на возрасните – да зачистат пред влезовите на куќите или зградите, да се исчисти снегот од автомобилите…


Вредни се покажаа и комуналните служби – па „тазе“ градоначалниците го искористија чистењето на снегот и за сопствена промоција, како тоа да е некоја вонредна, а не редовна активност за која се платени да ја извршуваат.


Како и да е, уште еднаш се потврди дека кога е под снежна покривка, градот е многу поубав. Поради тоа, многумина нема да имаат ништо против да потрае.
(Фото: Борис Грданоски)